„Моето око е мое уво!“
„Мојата рака е моја уста!“
На 23 септември во целиот свет се одбележува Интернационалниот ден на знаковните јазици – ден кој потсетува на важноста и вредноста на јазиците на знаци како посебни, природни и рамноправни јазици.
Знаковниот јазик претставува моќен израз на културата, идентитетот и индивидуалноста на лицата со оштетен слух, но и на сите кои го користат како основно средство за комуникација. Тој е алатка преку која се гради мост меѓу луѓето, се рушат бариери и се создава општество во кое секој човек има право да биде слушнат и разбран.
По тој повод НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, го одбележа Денот на знаковниот јазик, заедно со учениците од ОУРЦ „Кочо Рацин“ – Битола со оштетен слух и ученици од ООУ „Даме Груев“ – Битола. Тие заеднички учествуваа во една прекрасна едукативна и креативна активност.
Настанот имаше за цел да ја промовира инклузијата, разбирањето и меѓусебното почитување меѓу децата. Преку игра, работилница и демонстрација на знаковниот јазик, децата имаа можност да научат основни зборови и фрази на знаковниот јазик, и заедно да го кажат името и омилената книга на знаковен јазик.
Пред присутните се обрати и директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола,
м-р Емилија Стефановска-Давкова која ја потенцираше важноста од вакви инклузивни настани кои покажуваат дека јазикот на пријателството и солидарноста е разбирлив за сите, а знаковниот јазик претставува мост што ги поврзува различностите.
Одбележувањето на овој ден ја нагласува потребата за поддршка, заштита и промоција на лингвистичкиот идентитет на корисниците на знаковен јазик. Во исто време, потсетува на обврската на сите институции и заедници да придонесуваат кон инклузија, почитување на различностите и создавање еднакви можности за комуникација.
Интернационалниот ден на знаковните јазици е симбол на емпатија, солидарност и еднаквост, како и поттик за сите нас да ја негуваме културата на почитување и разбирање.
Голема благодарност до директорката и вработените едукатори во ОУРЦ „Кочо Рацин“, Драгана Кирковска, Ивана Карајанова – специјален едукатор и рехабилитатор и претседател на библиотекарска секција Снежана Ѓоргиевска – предметен наставник по македонски јазик Симона Ѓоргиевска-социјален работник, и на директорката ООУ „ Даме Груев“ – Битола, Биљана Дамчевска-Бакиевска, Љупка Здравевска одделенски наставник и специјален едукатор и рехабилитатор Катерина Митревска за остварената соработка.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook