Во рамките на меѓународната соработка и по повод одбележувањето на Денот на хрватскиот парламент во Битола, Националната установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола имаше чест да биде домаќин на претставници од Градската библиотека „Марко Марулиќ“ – Сплит, Република Хрватска. Настанот беше организиран во соработка со Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ – Битола.
Програмата започна со обраќање на директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановска-Давкова по што беше прикажан краток филм за Библиотеката и Монографијата издадена по повод 80 години од нејзиното постоење.
Директорката на ГКММ, Гроздана Рибичиќ, потоа ја отвори изложбата „Марко Марулиќ – европски хуманист“, со што присутните имаа можност да се запознаат со животот и делото на овој значаен хуманист и книжевник. Следуваше и проекција на филм посветен на најпознатото дело на Марулиќ – „Јудита“, по повод 500 години од неговото создавање, презентирано од актерот Мате Травиќ, кој беше и модератор на разговорот со познатата писателка и библиотекарка Нада Топиќ на тема „Живот со книга“.
На крајот на свечениот дел, беа доделени благодарници од страна на Бранко Маретиќ, претседател на Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ – Битола, а директорките на двете библиотеки разменија симболични подароци како израз на благодарност и поттик за понатамошна културна и меѓународна соработка.
Настанот продолжи во неформална атмосфера во Центарот за култура – Битола, каде присутните уживаа во театарската претстава „Пижами за шестмина“ во изведба на Градскиот младински театар од Витез, Република Босна и Херцеговина, предводен од актерот Иван Сајевиќ.
Оваа средба потврди дека книгата и културата се мостови што поврзуваат народи и создаваат пријателства што траат.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook