Денес, на 6 ноември 2026 година, директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановска-Давкова и директорот на Студентскиот дом „Кочо Рацин“ – Битола, Љубе Маркоски, потпишаа Меморандум за соработка, со кој се отвораат нови можности за збогатување на културниот, образовниот и академскиот живот на студентите што престојуваат во домот.

НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола подари книги за новоформираната библиотека во рамките на Студентскиот дом, придонесувајќи кон збогатување на нејзиниот книжевен фонд и создавање простор што ќе ги поттикнува студентите да читаат, да истражуваат и да ги прошируваат своите знаења.

Овој меморандум го означува почетокот на соработката што ќе се развива преку заеднички работилници, предавања, книжевни средби, тркалезни маси за дискусија, промоции и други културно-образовни содржини. Активностите ќе бидат насочени кон активно вклучување на студентите од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, со цел да се поттикнат нивната креативност, критичкото размислување и размената на идеи, а истовремено да се развиваат читателските навики и нивното учество во културниот живот на заедницата.

Со оваа иницијатива, како составни членки на УКЛО, ја зацврстуваме поврзаноста помеѓу библиотеката и студентската заедница, вложувајќи во знаењето, личниот развој и творечкиот потенцијал на младите, како идни зрели, академски граѓани.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook