Во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола се одржа работилница која не само што ја оживеа традицијата, туку ја претвори во живо искуство за младите генерации. Дел од учениците од прва и втора година од текстилната струка – техничар за дизајн на облека при ООУ „Таки Даскало“ – Битола, под менторство на Живка Танушева Ицаноска и образовната асистентката Ивана Филиповска, со многу љубов и креативност изработуваа мартинки.
Мартинката – засукан бел и црвен конец – е симбол кој носи порака низ вековите:
Црвеното ја претставува крвта и животот, силата и енергијата.
Белото е чистота, радост и нов почеток.
Во месец март, кога природата се буди, се верува дека носењето мартинка ќе ни донесе здравје и среќа. Овој обичај е мост меѓу минатото и сегашноста, меѓу традицијата и младоста.
Директорката на библиотеката, м-р Емилија Стефановска-Давкова со топла насмевка им подели мартинки на редовните читатели, посакувајќи им многу среќа. Тој гест ја заокружи атмосферата на заедништво и радост – потсетување дека културата и обичаите живеат кога ги споделуваме.
Нека мартинките ни бидат потсетник дека секој нов почеток носи надеж, а секоја нишка од традицијата е дел од нашата заедничка приказна.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook