Во НУ Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ – Битола деновиве беше отворена ликовна изложба на уметникот Пеце Вржовски.
Изложбата е во рамки на меѓународниот собир „Хортикултурни библиотеки“ на кој освен претставници од земјава, учествуваа и гости од библиотеки од Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и Албанија.
Нашата библиотека од 2017 година активно учествува во промоцијата на хортикултурни библиотеки и е членка на регионалната мрежа.
Кон Изложбата на Пеце Вржовски
Неговата техника е пастел и акварел, навидум едноставни техники кои ја пренесуваат чистата емоција и носат единствена приказна, но тие имаат свои барања, а само вистински уметник може да ги преточи нежните бои во белината на платното.
Приказната за цвеќето е вечен мотив на природата, и токму цветните мотиви кои се застапени во неговото творештво од самиот почеток, ја носат силната порака за убавото и волшебното, кое што најчесто и не го приметуваме.
Цвеќето е мотив кој го наоѓаме уште од самиот почеток на цивилизацијата. Во нашата култура сме придружени со букети цвеќе во сите сегменти од нашето постоење, и кога се радуваме и кога тагуваме, цвеќето е природен одраз на нашето битие. Цветовите низ историјата имаат свој говор, а секој цвет има свој симбол, така што може изворно да ја пренесе емоцијата, да ни зборува и да биде посредник меѓу природата и човекот.
Човек – уметник комуницира со цвеќето, комуницира со природата, а не често се појавуваат и други учесници во природниот циклус на опстојување на природните закони, а што е цвет без пчела…
Во нежните нијанси на акварелите се создава прекрасен свет на бои, симфонија на светли и темни тонови, кои на некои цртежи имаат помалку драматичен акцент кој го покажува сензибилитетот на уметникот. Застануваме пред сликите кои ни раскажувват приказна за убавото, за секојдневното гледано од поинаква перспектива, магија од ситни детали,интимно засолниште, не само на авторот туку и на гледачот, заедно да останат заробени во просторот од убавините на најголемиот мајстор, на сликарот – природата.
М-р Јелена Петровска