По повод Светскиот ден на книгата (23 април) и Меѓународниот ден на Ромите (8 април), ученици со оштетен слух од ромска националност од ООУ со ресурсен центар „Кочо Рацин“ – Битола, членови на библиотекарската секција, имаа можност да ја посетат Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Во оваа посета, заедно со своите одговорни специјални едукатори и рехабилитатори – Ивана Карајанова, Елена Петровска и Сузана Станоевска – учениците се сретнаа со дел од библиотекарките вработени во Установата.

Средбата беше исполнета со искрени разговори, споделување животни искуства и пораки за мотивација. Преку личниот пример на библиотекарите, учениците беа охрабрени да веруваат дека со книгите како нивни пријатели, ќе можат да ги надминат сите бариери – без разлика на нивната попреченост, етничка или верска припадност. Книгите се тие што отвораат патишта, рушат предрасуди и градат иднина.

Особено внимание беше посветено на претставувањето на книгата „Сјајни ѕвезди – бајки раскажани од Роми во Европа“, напишана од различни автори Роми и илустрирана од уметник од ромска националност. Секој ученик доби примерок од книгата како подарок – симболична „ѕвезда водилка“ низ нивниот понатамошен животен и образовен пат, од основното, преку средното, сѐ до високото образование.

Посетата на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, остави силен впечаток и беше поттик за понатамошно читање, учење и поврзување преку културата и знаењето.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook