Спремноста и способноста да се сочувствува со другите луѓе е една од најважните особини кај секој човек, а посебно кај децата. Емпатијата е способност на личноста да ја препознае емоцијата што друга личност ја изразува преку своето однесување или говор, да ја прифати како таква без да ја поправа и без да ѝ каже како треба да се чувствува. Апсолутно не значи дека ако другиот плаче, треба да плачеме и ние. Тоа само значи дека прифаќаме дека оваа личност е тажна, ја разбираме нејзината тага, затоа што знаеме што е тага и ја чувствуваме понекогаш, иако можеби не сме тажни поради таа конкретна ситуација.
Емпатијата се развива и меѓу децата и за таа цел реализиравме работилница преку читање книги на глас со ООУ „Ѓорѓи Сугарев”- Битола, со учениците од шесто одделение и разговаравме за важноста и придобивките од гласното читање.
Читањето книги е од особена важност за менталното здравје и развивање на мудри мисли. Зголемено ниво на емпатија, ја подобрува комуникацијата помеѓу родителите и децата, наставниците и децата и меѓу самите деца но и ја зголемува самодовербата, ги намалува анксиозноста и стресот, ја зголемува креативноста. Луѓето кои редовно читаат имаат подобар сон, пониско ниво на стрес, поголема самодоверба и пониско ниво на депресија отколку луѓето кои не читаат.
Преку повеќето активности кои ги реализиравме потекоа многу емоции, безброј насмевки, неизмерна љубов, среќа, надеж, вера, храброст, восхит, а пред се емпатија кон секој соученик, а и кон секој човек.
Содржините на нашите текстови и текстовите кои ги напишаа децата беа исполнети со многу згоди, детски палавштини, безброј детски насмевки, огромна љубов кон книгите, сакање, разбирање и поддржување на убавините на различностите.
Преку оваа активност испративме значајни пораки за емпатијата, заклучивме дека библиотеката ќе биде клучен центар за поддршка, обезбедувајќи им простории и ресурси кои ќе придонесат за подигнување на свеста, промовирање и инклузивност како и превенција од меѓуврсничкото насилство и online платформите.

Голема благодарност до наставниците: Наташа Тодоровска, Биљана Чантурија, Марија Котевска и директорката на училиштето Биљана Темелкова.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook