Никогаш не е рано и никогаш не е касно да се започне да се прави тоа што го сакаме. Пишувањето книги е едно од најубавите работи на кои можеме да им се посветиме. Прекрасна пасија за многумина. Книгата е огледало на душата на секој писателот која допира длабоко во секој читател.

НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола овој пат на кафе беше со младата писателка и студентка Нона (Ивона) Марковска. Иако има само 19 години таа веќе има издадено 3 романи. Нејзина прва книга е „Пронаоѓање“. Оваа книга е книга за млади која Ивона ја објавила на свои 14 години.

Кога ја запрашавме кој и всади љубовта кон пишувањето, таа ни одговори: „моја баба беше наставничка и библиотекарка. Имаше обичај да ми чита. Посебен белег ми остави книгата „Сиљан Штркот“ која баба ми често ми ја читаше.“ Таа додаде: „кога влегуваш во тинејџерските години, светот околу тебе изгледа подруг. Тука испливува пишувањето, кое ме однесе во свет во кој се осеќам сигурно“.

Во 2019 година таа го издава својот втор роман „Аурора“, кој исто така е роман за млади и е научна фантастика. Напливот за пишување продолжува и во време на пандемијата, па за само две година покасно, да го промовира и својот трет роман „Големи лаги и мали вистини“. Водена од реченицата „ Ако ова е вистина, значи е голема лага“, таа го пишува овој прекрасен роман.

Иако ни откри дека пишува и поезија, додаде дека во прозата повеќе се пронаоѓа.

Нона со своите 19 години и посветеноста кон пишаниот збор продолжува да го збогатува светот на книгите со уште еден нов наслов, кој за брзо треба да излезе во печат.

За крај ја замоливме да испрати порака до вас, наши драги читатели!

„Се надевам дека моите книги ќе ви бидат прегратка кога ви е најтешко, или барем пријатели со кои ќе се растете, ќе дозревате и ќе станувате подобри луѓе. Се надевам дека, ако прочитате нешто од мене, ќе знаете дека не е страшно да си различен, туку афтентичноста носи чуда! За мене, и во моите книги, сакам да се чувствувате како дома, без граници и без страв од себеси, така заедно ќе можеме да го промениме светот!“

Подготви м-р Гордана Ѓоргиевска-Неделковски

Facebook link