Неодамна во нашата библиотека пристигна книга на англиски и македонски јазик напишана од млад битолски автор. По тој повод НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, на кафе и книга овој пат беше со младиот писател Дарко Неделковски. Неговиот жанр на пишување е многу различен од се она што досега сме го имале. Затоа ја искористивме оваа прилика да го запрашаме од каде идејата да се напише книга која не поврзува со нашето внатрешно јас, но и со нешто што е многу подлабоко од она што човек може да го разбере, а да не речеме дека е натприродно. На ова Дарко ни одговори: „Моето пишување започна од едно многу лично место. Во период кога се соочував со внатрешни борби, осетив потреба да ги ставам мислите на хартија. Така се роди идејата не само да пишувам, туку да создадам нешто што ќе зборува за внатрешниот глас, за борбата помеѓу тоа кои сме и кои се обидуваме да бидеме. Со тек на време, тоа прерасна во приказна, а потоа и во книга. “
Додека разговаравме Дарко ни откри дека прво е напишана англиската верзија од книгата, а потоа истата ја пишува и на македонски јазик. За книгата „Сечилото сум јас“ тој ни раскажа: „Книгата ја истражува темата на внатрешната борба, идентитетот и самопронаоѓањето. Преку симболика и длабоки емоции, ја прикажува патеката низ која поминува еден човек кога се соочува со своите стравови, болка и вистина. Тоа не е само приказна, туку искуство кое многумина можат да го препознаат во себе. Книгата е длабока, лична приказна за внатрешната борба, менталното здравје и патувањето кон само-прифаќање. Приказната ја следи трансформацијата на еден човек кој се соочува со своите најтемни моменти, болка и чувство на изгубеност, но наместо да се предаде, започнува пат кон разбирање и лекување. Во книгата, клучна улога имаат два внатрешни лика – Зангетсу и Внатрешниот Глас. Тие не се само фикција, туку симбол на различните делови од нас самите: мудроста, силата, сомнежот и вистината. Преку нивниот поглед, читателот ја доживува приказната од поинаква перспектива – како патување низ минатото, сегашноста и внатрешниот свет на човекот.“
Дарко ни зборуваше како секоја страна од книгата е приказна која започнува со патување низ неговиот живот– од неговото раѓање, па сè до клучните моменти што го обликувале. Читателите додека ја читаат книгата ги сведочат и чувствуваат сите емоции, борби и падови, сè додека не стигнат до кулминацијата – внатрешната битка која се случува во ноември 2023 година. На крајот, приказната води кон соочување со најдлабоките стравови и „темната врата“ – симбол на сите потиснати емоции и трауми. Наместо бегство, доаѓа прифаќање, разбирање и обединување со самиот себе. Ова не е само приказна за болка, туку за трансформација. За тоа како од темнината може да се создаде светлина. За тоа како секој од нас има свој Внатрешен Глас – но не секогаш го слуша. Книгата носи порака дека никој не е сам, дека болката има значење и дека секој човек има потенцијал да се издигне и да го пронајде својот вистински пат. “
Со Дарко разговаравме и зошто ја избира баш јапонската филозофија и нивниот анимиран начин на претставување на нештата, тој ни одговори „ Книгата носи порака дека никој не е сам, дека болката има значење и дека секој човек има потенцијал да се издигне и да го пронајде својот вистински пат.“
За крај го замоливме да испрати една порака до вас, драги наши читатели:
„До сите читатели не плашете се да се соочите со себе. Во таа тишина и искреност се крие најголемата сила. Секој од нас има своја приказна, и вреди да биде слушната.“
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook