Почетокот на месец март го искористивме на кафе и книга да го поканиме младиот роднокраен писател Зоран Ѓоргиев. Нашиот град го препознава како писател, хроничар, истражувач и фотограф а неговата љубов кон нашиот град Битола и историјата која ја крие секој чикмак во овој град, беа мотивот за секоја негова досега напишана книга. Неговите книги скромно чуваат една заборавена историја. Секоја приказна раскажана, секоја фотографија мудро зачувана во нечии домашни албуми, сега вечно живеат во страниците на неговите книги.
Како и секој разговор и овој го започнавме со прашањето од каде идејата сите овие приказна ва бидат зачувани во страниците на неговите книги, на ова тој ни одговори: „Со пишување започнав пред околу десет години. Чувствував дека човек треба да остави нешто зад себе, нешто што ќе сведочи за него и тогаш кога веќе нема да нè има. Ја избрав мојата најголема љубов, градот Битола. Заедно со битолчани започнавме да ги откриваме и запишуваме приказните за големите битолски фамилии, оние кои оставиле значаен белег во развојот, подемот и просперитетот на градот. Голем дел од тие приказни се веќе обработени, за многу од нив постојат траги во книги, весници или на интернет. Нашата задача беше да истражуваме, да дополнуваме, да ги пронајдеме потомците и заедно со нив да ги составиме тие убави приказни што го чуваат духот на стара Битола.
Така се роди првиот дел од книгата „Приказните на Широк Сокак“, а потоа и вториот дел кој веќе е готов и ќе наскоро ќе биде промовиран. Паралелно настанаа и уште две книги посветени на еврејското наследство во Битола. Од сите пет книги, една дели од сите – „Мојата Битола“, создадена од душа, со проза и поезија, како лична посвета за љубовта која ја сакам. Од неа песната „Темјанушка“ беше рецитирана од актерот Борис Чоревски во Домот на културата, во рамки на одбележувањето на 4 Ноември, истотака беше присутна на настанот „За мојата Битола“ заедно со Владимир Димовски и Камерниот оркестар Дива од Битола, ја има и како видео запис на платформата за видеа YouTube, како и на повеќе приредби во основните и средни училишта.
Низ разговорот со Зоран, разговаравме и за многу автори кои исто така твореле и творат за нашата преубава Битола и на некој начин и кај него го разгоруваат жарот да почне да твори.
„Мојот интерес за негување на љубовта кон стара Битола го поттикнаа луѓе како Димитар Димитровски Такецот, Марина Апостоловска, Александар Стерјовски, Ѓорги Димовски Цолев, Димче Најдов и Петар Ставрев. Тие го разгореа интересот за оној космополитски дух што Битола го имала многу години пред денес некои од најголемите метрополи на Балканот и Европа.
Книгите се пред сè истражувачки труд и хроника за некогашните знаменити објекти и фамилии со кои и денес се гордее Битола. Материјалите се собирани од многу извори: Катастар, Архив, Библиотека, книги за Битола, стари весници од времето на Кралството СХС, Југославија, па сè до денешна Македонија. Голема помош дојде и од контактите со потомците на тие фамилии, на кои сум им бескрајно благодарен за довербата и вниманието.
Сето тоа го правиме со една заедничка цел, да оставиме нешто убаво зад себе. Книга со стари фотографии и раскази е можеби најубавиот начин да се зачува споменот. Нешто како уште едно наше дете што ќе живее и ќе раскажува приказни и многу генерации после нас.“
Ја искористивме оваа прилика да го запрашаме и за неговите идни планови. Тој ни откри дека за неколку месеци ќе излезе неговата нова книга, а покрај тоа има уште неколку идеи за кои веќе работи на прибирање информации. Новите истражувања, како што рече, ќе бидат основа за идните книги што ќе продолжат да ја чуваат историјата на нашиот град.
За крај го замоливме да ви се обрати вас, драги наши читатели.
„За крај, сакам да ја споделам мислата што често ја повторуваше мојот пријател и хроничар на градот, кој за жал нè напушти пред неколку месеци, Александар Стерјовски. Тој често се повикуваше на зборовите на Ернест Хемингвеј:
„Секој човек треба во животот да направи три нешта:
да засади дрво,
да напише книга
и да одгледа дете.“
Оваа мисла зборува за трите траги што човек ги остава зад себе:
дрвото, нешто што расте и останува по нас,
книгата, мисла и знаење што го споделуваме со светот,
и детето, продолжението на животот.“
А ние, драги читатели, Ве покануваме во нашата библиотека да уживате во книгите што ќе Ве вратат назад во времето. Времеплов што ја зацврстува пишаната историја на нашиот град и ја претвора во живо наследство достапно за секого.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook