Во духот на претстојните празници, кога секое семејство го подготвува својот дом да го прими духовното и со благодарност да се сврти кон сè што годината донела, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола ја искористи оваа прилика да разговара токму за моќта на духовното со нашата роднокрајна писателка Билјана Андоновска. Во своите книги, таа постојано ја истражува и пренесува силата на духовноста – онаа тивка, но моќна поддршка што секој ја побарува кога му е најтешко.
Ја запрашавме Билјана да ни раскаже за своите почетоци: кога се родила љубовта кон пишувањето, како се обликувал нејзиниот авторски пат, и на кој начин нејзиното перо успева да допре до читателот преку една специфична тематика во која секој може да се пронајде: „Читам откако знам за себе. Сум научила да читам на 4 годишна возраст и навистина не памтам да поминало ден, а да не прочитам барем неколку страници. Сонував еден ден и јас да напишам книга, но ми недостигаше храброст тоа да го направам. Така се до 2020 година кога писателката Вера Самарјанин ме покани да напишам песна која ќе биде дел од поетска збирка од група автори посветена на 1000 годишнината од Бигорски манастир. На промоцијата на таа книга на игуменот на манастирот Владиката Партениј многу му се допадна песната и ме благослови да продолжам да пишувам и ете за 5 години преку неговиот Благослов со Божја помош издадов шест книги.“ ни одговори таа.
Писателката Билјана Андоновска досега има извадено 6 книги и тоа: Збирките поезија „Каде е Бог”, „Славете го Господа” и „Твојот крст”, и романите „Со вера и трпение до чудесни исцеленија”( Св. Јоаникиј Ракотински), „Светогорецот” ( Св. Гаврил Велички) и „Божјиот лекар” ( Св. Нектариј Егински.) Во секоја од овие книги има парче од нејзиното срце и желба да стигнат до што поголем број читатели.
Кога ја запрашавме колку таа го наоѓа мирот во духовното и од каде ја црпи таа сила за твори баш на оваа тема таа ни одговори: „Морам да ви кажам дека во животот имав една многу голема желба да студирам медицина и толку многу страдав, па кога ќе прочитав некаде дека никогаш не е доцна да се исполни некоја желба дури и се згрозував, мислејќи дека е клише. Но, Господ на совршен начин ми покажа дека навистина е така. Тоа ми го докажуваат и секојдневните реакции, повици и пораки во кои моите читатели ми пишуваат дека моите писанија им се лек за душата.“
За крај на нашиот разговор ја замоливме да испрати една порака до вас драги наши читатели: „Мојата порака до читателите е да веруваат дека Бог го има совршениот план за секој човек и дека никогаш не треба да се сомневаме во тоа. Да веруваме, да љубиме, да бидеме трпеливи и да бидеме лек за сите луѓе. Наместо да им пронаоѓаме недостатоци на другите луѓе, да го пронајдеме доброто во нив. Доброто постои во сечие срце.“-порача Билјана.
А нас ни останува да и се заблагодариме за книгите кои ни ги подари во нашата Библиотека и да и посакаме Бог да и ги исполни сите желби и ја очекуваме со нови книги во блиска иднина.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook