Нема поубаво од тоа да живееш во град во кој пишаниот збор го негуваат голем број наши сограѓани. Секоја книга која доаѓа во нашиот роднокраен оддел е вистинско богатство за нашиот град и нашата библиотека. Затоа, ние повторно и оваа година ве запознаваме со голем број на автори кои творат во нашиот град.

Овој пат НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола на кафе и книга беше со писателката за деца и возрасни Весела Богдановиќ.

Весела Богдановиќ е можи нај веселиот лик кој може да го сретнеме, нејзината позитивна енергија ги воодушевува и најмалите и највозрасните. Мајка, сопруга, втора мајка на голем број на генерации ученици кои поминале и се уште поминуваат низ нејзината училница, креативен лик чија магија и креативност останува запаметена не само во нашата библиотека, туку и секаде онаму каде Весела ќе одржи работилница. Таа е автор на книгите за деца : ,,Магични стапчиња и шарени лижавчиња”, ,,Тајната на Сината Самовила”, ,,Книга на тајните”,,,Чудо од визбата”, ,,Авантурите на госпоѓицата Жолтоперковска”, и романот за возрасни ,,Остров на тишината”.

Кога ја запрашавме за почетоците за нејзиното пишување, таа ни одговори: „Скоро сите мои сега веќе објавени книги за деца ги напишав многу одамна, без намера за публикување, за работа на мојата училница. Почнав да пишувам за потребите на мојата наставна програма, сите текстови и тие што се објавени во моите книги се работени во практичната настава со учениците. Децата најмногу учат преку примери и игра. На пример, првата верзија на ,,Тајната на Сината Самовила” ја напишав пред дванаесетина години заедно со уште неколку нови се уште необјавени бајки во склоп на проектот за интегрирано и интерактивно учење со примена на ИКТ ,,Магична земја на бајките и приказните” со кој како државен победник, Микрософт експерт едукатор, ја претставував Македонија на Светскиот форум во Шпанија. Објавената верзија се роди пред неколку години благодарение на издавачот Просветно Дело и уредничката Ксенија Маказлиева Трајчева кои ме охрабрија на овој чекор на што им сум многу благодарна и среќна што ги имам како поддршка во живот и делата. Ја обликував како современа бајка со акцент на социјален и емоционален развој и многу предизвици за креативно изразување и творење. Но не само тоа, Просветно Дело го поддржува и мојот проект ,,Чудесна лабораторија”, базиран на Националните стандарди преку кој оваа бајка активно ,,живее” во многу училници, градинки и домови.“

Нејзините книги се модерни бајки во кои родителите и децата можат заедно да уживаат и секако ги насочуваат како можат корисно да ги употребуваат своите мобилните телефони, привлекувајќи ги во скриените светови на страниците на нејзините книги.

За нејзината книга ,,Авантурите на госпоѓицата Жолтоперковска” вели: „Иако се работи за детска книга, ликовите-риби носат човечки карактери во кои лесно ќе се препознаеме, сите ние, различни во карактерот и однесувањата во ситуации блиски до реалните. Во самата книга преку кодови за скенирање поставени се преку 15 дополнителни предизвици за креирање и истражување на интересни теми“.

За поддршката во пишувањето таа ни одговори дека: „Покрај семејство и нејзините соработници ја имам и Љубица Севдинска истакнат наставник и лектор. Среќа е да се има искрен пријател при професионален ангажман. Таа е тука за првото читање, за мислења, охрабрување, лекторирање, совети професионални и пријателски“.

Нејзина единствената објавена книга за возрасни е романот „Остров на тишината”, за него таа ни раскажа: „ Ја напишав за неколку месеци, инспирирана од посета на островот Сазан на чија територија се крие напуштен град со богато историско минато. Пишував и дење и ноќе, до утрото. Пишувањето за возрасни ми е многу полесно, бидејќи тука не внимавам на воспитни и образовни целини и вредности ограничени со возраст, едноставно си го пишувам она што си го гледам како филм пред очите. Уживав додека работев на делото.“

Весела ја запрашавме да ни открие што ново подготвува, таа ни одговори: „Со години „ме чека“ започната автобиографија во која, во првиот дел преку драги лични шеги и случки од минатото раскажувам за вредностите на едно убаво а скромно време, детство кое му го посакувам на секое современо дете, родителство кое му го препорачувам на секој современ родител. А во вториот дел преку конкретни лични случки, остро ,,шамарам” се што се обидува да ми стави сопка и како личност и како професионалец, во секојдневието во кое без политички ангажмани и врски, поединецот воспитан во друг систем на вредности, живее ,,борба” за опстанок независно од квалитетите, карактерни и професионални“.

За крај ја замоливме да Ви се обрати Вас драги наши читатели: „Драги родители, бабички и дедовци, подарувајте им книги на најмилите, носете ги дечињата во книжарници и библиотеки. Читајте, раскажувајте, цртајте, обликувајте со нив за време на дружбата со книга или сликовница. Креирајте интересни катчиња за читање во домот, на тераса, во дворчето, со ламбички, ќебиња, перничиња, гајби… Дечињата и кога ќе пораснат ќе си ги паметат креативните мигови со најмилите, а навиката за дружба со книгите ќе ја пренесат понатаму како семејна вредност“.

Подготвил

Координатор на проектот

м-р Гордана Ѓоргиевска-Неделковски

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook