Во месецот на љубовта и виното, месец февруари, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола на Кафе и книги беше со нашата битолска поетеса м-р Мирјана Стојановска. Поетесата Мирјана љубовта кон пишаниот збор ја негува долги години работејќи како автор, книжевен критичар, новинар и есеист. Таа е наставник по македонски јазик во ООУ „Св. Климент Охридски“ – Битола. Страста кон пишуваниот збор низ својата професија, секојдневно им ја пренесува на своите ученици, мотивирајќи ги да пишуваат и творат.

За своите посериозни почетоци таа ни раскажа: „Пишував од најрана возраст, но посериозно почнав да пишувам додека студирав на факултет во Скопје, кога и ја издадов мојата прва книга „Хроносот на зборот“. Во оваа книга, како што вели рецензентот, почитуваниот Венко Андоновски, се покажува развојот, филогенезата на човечкиот говор од примордијален до поетски дискурс, а истовремено аворката ја покажува и сопствената онтогенеза и нејзиниот метафорички скок. Со таквата хронологија на зборот, поткрепена со поддршката на значајни имиња од македонската литература, поетесата добива поттик за понатамошно творештво“.

Мирјана Стојановска е автор на 9 книги поезија: „Двобој со тишината“, „Заѕидана врата“, „Крст, триаголник и круг“, „Оксиморонот на мојата пеперутка“, „Џез во двокреветна соба“, „Бегалци од својот дом“, „Судбината на буквите“ и „Утро во Франкфурт“. Секоја книга е посебна тематска целина со стил кој носи автентични вредности што ја прави поезијата актуелна и атрактивна за читање. Нејзиниот поетски израз не е само субјективно отсликување на реалноста туку поетесата го опфаќа поширокиот општествен контекст давајќи и белег на национална поезија посебно со двете нејзини поеми „Судбината на буквите и „ Бегалци од својот дом“. Во првата таа говори за истрајноста на нашата земја во зачувувањето на својот јазик и својата азбука додека во втората поема говори за масовното исселување на нашиот народ во европските и прекуокеанските земји нагласувајќи дека е тоа глобален процес во Европа и светот.

Нејзините книги се преведени на англиски, германски, српски, хрватски, бугарски, романски и албански јазик.

Како наставник по македонски јазик за потребите на образовниот систем таа ја објави книгата „Стилските фигури во наставата по македонски јазик“ од областа на теоријата на литературата и методиката. Книгата е одобрена од страна на Министерството за образование и наука на РСМ да се користи како стручна литература во наставата по Македонски јазик во основно и средно образование и би требало да ја има во секое училиште.

Со својата поезија таа ја популаризира македонската поезија и македонскиот јазик и надвор од границите на нашата земја, земајќи учество на домашни и меѓународни манифестации и саеми како на пример Меѓународниот саем на книгата во Франкфурт каде учествуваше две години, на Саемот во Белград, на манифестации во Хрватска и Албанија од каде понесува и многу награди. Во својата биографија таа ги додава и преводите на книги кои ги прави од српски на македонски јазик.

Мирјана Стојановска е актуелен секретар на Битолскиот книжевен круг и е член на Друштвото на писатели на Македонија од 2007 година. Таа е прв претседател на Клубот на писателки „Даница Ручигај“ при ДПМ од 2014 година. Исто така, таа е претседател на Здружението за наука и култура „НОВА“ каде е уредник и издавач. Ова здружение 11 години го организира традиционалниот меѓународниот поетски фестивал „Поетски синтези“. Исто така, долги години таа е дел и од „Роднокрајните средби“ кои ги организира нашата библиотека.

Судбината на буквите

(Извадок од поемата)

…Го слушам гласот на буквите

како чоколадни коцки

од асфалтот на жешките утра

што врискаат

од жал

или од занес

дека се случува тоа

што мора да се случи…

Мојата земја ја носи болката

на моите предци

за неостварените желби

и забодениот трн

во срцевината на црвената ружа

на телото на најголемата планина

на постоењето…

…Мојата земја

стамено

стои

над судбината

на буквите

на својата

Кирилица…

За крај ја замоливме да ни даде една кратка порака до вас, наши драги читатели и љубители на пишаниот збор. Таа ни рече:

„Човек треба да другарува со книгата, посебно со поезијата. Така човек постојано расте, се прошируваат човечките визии, животот добива смисла и ние стануваме повешти за реализирање на нашите цели. Поезијата е создавање и навистина е убаво да се биде дел од тој процес, било како активен субјект (творец) или како конзумент на добра домашна и странска литература.“

Координатор на проектот м-р Гордана Ѓоргиевска-Неделковски, библиотекар

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook