НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола ја продолжува својата кампања за доделување ваучери за бесплатна едногодишна членарина на сите ученици од прво одделение во основните училишта.
Денеска имавме привилегија да се запознаеме и дружиме со првачињата од ОУ „Стив Наумов“ – Битола. Им поделивме ваучери за бесплатна членарина во нашата библиотека и им посакавме успешна и среќна учебна година.
Оваа активност има за цел да ја поттикне љубовта кон книгите и читањето уште од најраната возраст, како и да ги охрабри учениците и нивните семејства да негуваат читачки навики. Покрај тоа, сакаме да ги инспирираме родителите и постарите членови на семејството да им читаат на своите деца приказни и поеми, со што ќе ги воведат во магичниот свет на книгите.
Учениците беа запознаени и со читалната посветена на Горан Стефановски, каде што можат да уживаат во пријатен, топол амбиент, сличен на домашниот, со слободен интернет пристап, што ќе им овозможи уште повеќе да го зголемат своето знаење.
Насмевките и радоста на лицата на децата, како и нивната желба за знаење, беа доказ дека посетата на библиотеката ќе биде уште еден чекор кон проширување на нивните хоризонти.
Искажуваме огромна благодарност до директорот Никола Пискачев за можноста да бидеме дел од првите училишни денови на овие ученици и да придонесеме за нивната среќа и ентузијазам.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook