На ден 16 мај 2025 година, во Основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“ – Битола, беше реализирана креативна работилница во рамките на проектот „И јас сум дел од волшебниот свет“.

Целта на проектот е да се поттикне читачката култура кај ромските деца и да се развие љубов кон книгите, литературата и раскажувањето приказни. Преку внимателно осмислени активности, децата добиваат можност да го запознаат волшебниот свет на литературата, да ја развиваат својата имагинација и креативност, како и да се охрабрат да читаат и самостојно да раскажуваат приказни.

Работилницата се одвиваше во пријатна и инспиративна атмосфера, исполнета со детски смеа, радост и љубопитност. Учесниците имаа можност да слушаат интересни приказни, да цртаат, да глумат, како и да учествуваат во разговори за омилените ликови и случки од книгите.

Како дел од активностите, училиштето доби неколку примероци од книгата „Сјајни ѕвезди“, која е резултат на Еразмус+ проектот „Sasas Jekhvar Jekh – Once Upon a Time … and Now“. Оваа книга ќе биде значајна алатка во понатамошната промоција на читањето и развојот на детската љубов кон пишаниот збор.

Проектот „И јас сум дел од волшебниот свет“ е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, за што им упатуваме искрена благодарност за укажаната доверба и поддршка.

Со вакви иницијативи, се гради основата за една поинклузивна и покултурна иднина, каде секое дете – без разлика на потеклото – има можност да биде дел од магијата на читањето и раскажувањето.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook