Наша особена чест и радост е што во пресрет на големиот празник – 24 Мај, Денот на светите браќа Кирил и Методиј, во ходникот на нашата библиотека е поставена тематска изложба посветена на животот, делото и непресметливото влијание на овие великани на словенската писменост и култура.
Преку внимателно селектирани фотографии, илустрации, факсимили од ракописи и информативни текстови, изложбата нè води низ нивниот животен и духовен пат – од родниот Солун, преку Моравија и Панонија – каде ја остваруваат својата света мисија: да им подарат писмо, слово и духовна светлина на словенските народи.
Изложбата е особено вредна за младите посетители, кои преку визуелен, јасен и инспиративен пристап, можат подобро да го разберат значењето на писменоста, јазикот и културниот идентитет.
Ве покануваме со внимание и љубопитност да ја разгледате оваа изложба, да ѝ се посветите и, барем за миг, да се вратите во времето кога словото било светлина, а писменоста – пат до слобода и самобитност.
Повеќе фотографии од изложбата на следниот линк: NUUB Facebook