Во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, денес успешно се реализираше вториот модул од програмата „Курсеви за личен и професионален развој – Инвестирај во себе“, посветен на темата „Вештачката интелигенција и дигиталните вештини“.
Во своето поздравно обраќање, директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановска Давкова, ги охрабри младите да ги прифатат новите технологии, но истовремено да не заборават дека книгата останува најсигурниот, најверодостојниот и незаменлив извор на знаење. Таа потенцираше дека вештачката интелигенција може да биде одличен помошник, но вистинското знаење се гради преку читање, проверени извори и развивање на критичко размислување.
Во воведното обраќање, координаторот на програмата, м-р Фатма Бајрам Аземовска, истакна дека вештачката интелигенција повеќе не е технологија на иднината, туку реалност што секојдневно го менува начинот на кој учиме, работиме и комуницираме. Беше нагласено дека не е доволно само да ги познаваме AI алатките – потребно е да научиме критички, етички и одговорно да ги користиме, претворајќи ги во поддршка за учењето, креативноста и професионалниот развој.
Предавачката Андреа Најдовска, инженер по информатички и комуникациски технологии, преку практични примери и интерактивни активности им овозможи на младите да се запознаат со современите AI алатки и нивната примена во образованието, работата и секојдневниот живот.
Им благодариме на сите учесници за активното учество, на Андреа Најдовска за инспиративното предавање и на Министерството за култура и туризам за поддршката на оваа програма.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook