Со длабока тага и жалење, ја примивме веста за заминувањето на нашиот познат и почитуван роднокраен писател проф. д-р Александар Стерјовски. Неговото преминување е голема загуба не само за битолската, туку и за целата македонска книжевност.

Проф. д-р Александар Стерјовски е роден во Битола во 1933 година. Целиот свој работен век го помина истражувајќи и така ќе биде запаметен, како хроничар и истражувач, кој со особено чувство навлегуваше длабоко во тајните на проблематиката, откривајќи ги до најситните делови во сите параметри во истражувачкото подрачје, со особена упорност и сестраност во текот на работата и создавање на своето ново дело.

Стерјовски зад себе остави повеќе книги и научни трудови посветени на Битола неговиот роден град, за кој пишуваше со голема љубов и научна прецизност доловувајќи ги историските моменти кои со голема љубов и трпение ги запишуваше за идните генерации.

НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола загуби уште еден нејзин верен соработник, човек кој до самиот крај беше дел од нашите активности. Оваа година беше заедничка година. Заедно го одбележавме јубилејот 80 години од оформувањето на нашата библиотека, каде што тој зборуваше за важноста на книгите и ја нарекуваше библиотеката неговиот друг дом. Така и беше. Оваа година требаше и да ја завршиме со промовирање на неговата персоналната библиографија во рамки на Едицијата „Познати личности“ која ја изготвивме во соработка со него.

Но, за жал сега неговата Библиографија ќе биде промовирана посхумно. Неговото наследство ќе продолжи да живее преку неговите дела и низ спомените на сите кои ја имавме привилегијата да го познаваме, но и за идните генерации кои доправа ќе го читаат.

Во холот на нашата библиотека е поставена изложба од делата на проф. д-р Александар Стерјовски.

Неговото заминување претставува голема загуба за книжевниот свет и крај на една истражувачка ера.

Но, неговите дела ќе продолжат да зборуваат за моќта на истражувачкиот дух и посветеноста на еден голем хроничар – роднокраен писател кој остави зад себе безброј приказни за Битола и битолско.

Вечна слава, Професоре!