Во НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, денес успешно се реализираше првиот модул од програмата „Курсеви за личен и професионален развој – Инвестирај во себе“, на тема „Комуникација и јавен настап“.
На отворањето на програмата, координаторот на проектот, м-р Фатма Бајрам Аземовска, ги поздрави учесниците и истакна дека големиот интерес за програмата е доказ дека младите имаат желба да учат, да се развиваат и да инвестираат во својата иднина. Таа нагласи дека знаењето, личниот развој и стекнувањето нови вештини се највредната инвестиција што секој млад човек може да ја направи.
Првиот модул го реализираше Билјана Величковска, магистер по менаџмент на корпоративни и кризни комуникации, консултант за комуникации, експерт за брендинг и видливост и меѓународно сертифициран коуч (ICF ACC). Преку интерактивна работа и практични вежби, учесниците имаа можност да ги унапредат своите комуникациски вештини, да стекнат поголема самодоверба при јавен настап и да научат како поуспешно да ги претставуваат своите идеи.
Програмата ќе продолжи со наредните модули, посветени на емоционалната интелигенција и менталното здравје, лидерството и мотивацијата, вештачката интелигенција и дигиталните вештини, подготовката за пазарот на труд и претприемништвото.
НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола им посакува успешна работа на сите учесници и верува дека оваа програма ќе придонесе за нивниот личен и професионален развој.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook