Во периодот од ноември 2025 г. до март 2026 г., НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола во соработка со графичката струка од СОУ „Таки Даскало“ – Битола, спроведе бројни активности за реализација на проектот насловен како „Книговрзувачка доработка“.

Измината седмица се реализираа последните работилници на тема „Видови поврзување и каширање“ од третата фаза „Изработка на производи од областа Книговрзување“, со што се заокружија предвидените активности од проектот. Во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, во одделението за заштита на книги и репрографија се изработуваа бели книги, додека во графичкиот кабинет на СОУ „Таки Даскало“ – Битола се изработија палета производи од областа „Книговрзување“, меѓу кои: неколку видови албуми, подложни мапи, тефтерчиња, папки, бележници и др., кои беа поврзани со постапки на шиење (со жица и со конец), лепење и спирално поврзување, како и со примена на каширање на материјали, меко и тврдо поврзување на книжен блок.

Во претходните две фази на проектот се реализираа работилници за заштита на книжен фонд и истражувачки активности како корелација на активностите од одделението за заштита на книга и репрографија со наставните предмети: Книговрзување, Преработка на хартија, Сито и висок печат (за II год., графички техничари), Слободни часови (за I год., графички техничар, и за II год., графички уредник-дизајнер) и Учење преку работа кај работодавач (за IV година, графички техничар).

Учествуваа 40-тина ученици од прва до четврта година графичка струка под менторство на Јулијана Христовска-Кулевска, помошник библиотекар, и професорките Весна Мундишевска-Велјановска, Снежана Паскова, Валентина Ристеска и Катерина Спасовска-Маурдева, а во соработка со Мирјана Наумовска, училишен библиотекар и двајца образовни асистенти како поддршка на двајца ученици со посебни образовни потреби.

Во текот на петте месеци од проектот „Книговрзувачка доработка“, благодарение на иницијативноста, креативноста и истражувачкиот дух кај сите учесници во проектот, беа реставрирани стотици книги од библиотечниот фонд на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола и СОУ „Таки Даскало“ – Битола, се добија значајни резултати од истражувачките активности кои ќе бидат применети за унапредување на заштитата на книжниот фонд во двете институции, а се изработија и стотици производи од областа книговрзување кои ќе се користат во промотивни цели.

https://www.facebook.com/grafickiaktiv2016

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook