„Прочитај ја љубовта – Поетски вкусови на љубовта и виното“
Во просториите на Националната установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, беше отворена изложбата „Прочитај ја љубовта – Поетски вкусови на љубовта и виното“, реализирана во соработка со учениците од графичката струка и нивните ментори од СОУ „Таки Даскало“ во Битола.
Изложбата претставува спој на младешка креативност, поетска инспирација и симболиката на виното како вечен мотив на љубовта. Преку графички решенија, визуелни композиции и поетски изрази, учениците ја преточија љубовта во уметнички дела што зборуваат за нежноста, страста и убавината на човечките чувства.
Со оваа поставка, младите автори покажаа дека љубовта може да се „прочита“ не само во стиховите, туку и во боите, формите и симболите што ги создаваат.
Виното, како метафора за животната радост, доби нова уметничка димензија преку нивните дела.
Изложбата е доказ дека уметноста и образованието можат заедно да создадат културен настан кој инспирира, обединува и остава трага во градот.
Оваа прилика директорката м-р Емилија Стефановска-Давкова ја искористи да израдува наши редовни читатели со едногодишна бесплатна членарина.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook