ЕВРОПСКА НОЌ НА ИСТРАЖУВАЧИ 2026-НАУКАТА ПОБЛИСКУ ДО МЛАДИТЕ
На 24 и 25 септември, УКЛО- Битола, заедно со алијансата КОЛОРС (COLOURS), се вклучи во Европската ноќ на истражувачи 2026, манифестација која науката, истражувањето и иновациите ги доближува до граѓаните, а особено до младите.
По програмските активности во Блисс Мол, централниот настан се одржа на 25 септември во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, со Омаж за д-р Анастас Коцарев, македонски онколог, пионер во радиологијата и научен соработник на Марија Склодовска-Кири.
„За мене е чест што НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, е домаќин и коорганизатор на настан кој ги обединува научната мисла, истражувачкиот дух, знаењето и колективната меморија“, истакна директорката м-р Емилија Стефановска-Давкова.
Таа нагласи дека Битолската Библиотека не е само место каде што се чуваат и издаваат книги, туку национална, универзитетска и депозитна библиотека, која од 1954 година го чува задолжителниот примерок од објавеното книжно и некнижно наследство во државата.
Формирана како градска библиотека на 25 март 1945 година, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола денес претставува значајна ризница на македонската книжна, културна и научна меморија, но истовремено е отворена кон современите научни текови, младите истражувачи и новите генерации.
Директорката особено ја истакна современата улога на библиотекарот: „Во време на огромен прилив на информации, не е доволно само да се дојде до информација, туку потребно е да се препознае која информација е релевантна, проверена, стручна и научно употреблива, а притоа новото дело или истражување да ја истакнат извонредноста на нашите умови.“
Токму затоа библиотекарот денес е стручен културно-образовен профил и активен посредник меѓу истражувачот и знаењето, а современата библиотека ги поврзува традиционалните библиотечни ресурси со дигиталните и онлајн бази на податоци, електронските публикации и современите алатки за истражување.
Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, ја истакна долгогодишната посветеност на Универзитетот кон Европската ноќ на истражувачи и фактот дека и по 15 години во фокусот остануваат ликот и делото на д-р Анастас Коцарев, пример дека научниот успех и припадноста кон својата земја можат да одат заедно. Тој упати порака до младите македонски научници ширум светот, да ги чуваат своите корени и стекнатото знаење да го вложуваат во развојот на македонската наука и општество.
Проф. д-р Рената Петревска-Нечкоска, раководителка на Хабот за тројна транзиција УКЛО КОЛОРС, истакна дека ваквите иницијативи се важен поттик за зачувување на научната меморија и инспирација на новите генерации да продолжат да истражуваат, создаваат и да ја избираат науката.
Во чест на д-р Анастас Коцарев, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола приреди и посебна изложба за граѓаните, поставена во холот на Библиотеката, со автентични материјали и артефакти посветени на неговиот живот, научната работа и значајното наследство, секако со помош на неговото семејство кое донесе негови лични предмети, докторската дисертација и други значајни документи. Со ова, Библиотеката ја отвори својата ризница пред јавноста и создаде простор граѓаните и младите да се запознаат со еден значаен дел од македонската научна меморија.
Во 2011 година, неговата внука, д-р Соња Коцарева-Трпезановска, специјалист по физијатрија, заедно со својот сопруг, универзитетскиот професор д-р Љупчо Трпезановски, го подготвија првиот документарен филм посветен на неговиот живот и дело. Филмот беше прикажан во рамките на манифестацијата „Ноќ на истражувачите“, организирана од Универзитетот во Битола. Во истиот период, новинарката Жанета Здравковска го објави и првиот новинарски текст во Македонија посветен на него. Благодарение на овие иницијативи и со поддршка на Друштвото „Заборавени Македонци“, подоцна беше откриен и неговиот гроб во Париз.
Во рамки на програмата се одржа и средбата со млади истражувачи „Научни рефлексии“, како простор за размена на знаења, идеи и научни искуства во рамки на просторијата на НУУБ позната како Роднокрајно Одделение, уредена со тркалезна маса за дискусии ОД 2001 г. за литературни и научни излагања.
Со своето учество, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола уште еднаш ја потврди својата улога не само чувар на книгите, туку и чувар на научното, културното и историското наследство, кое е место каде што знаењето се чува, истражува, споделува и создава.
Да ги чуваме корените, да создаваме нови знаења и да ја избираме науката!
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook