Љубовта кон Битола може да се искаже на многу начини, но најубаво се пренесува преку искрени зборови и емоции. По повод 4 Ноември, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола распиша наградна игра во која ги поканивме граѓаните преку инспиративни пораки да ја изразат својата љубов кон нашиот град. Нè радува што добивме прекрасни пораки исполнети со љубов, гордост, носталгија и патриотски чувства. Ви благодариме на сите што учествувавте и со своите зборови ја потврдивте посебноста на нашиот град!

Со особено задоволство ги објавуваме петте добитници на наградите, чии пораки се издвоија со својата оригиналност, инспиративност и емоција:

1. Белинда Сипкова Гаштарова

Седмата бригада ја ослободи Битола од фашистите. Денес е време ние да станеме осмата бригада – бригада на заедништвото, храброста и љубовта кон родниот град. Да ја ослободиме Битола од рамнодушноста, поделбите, алчноста и од сите што работат против нејзината иднина. Без пушки и оружје, туку со глас, достоинство, солидарност и непокорен дух. Зашто патриотизам не е само да се гордееш со минатото, туку да се бориш за иднината на својот град.

2. Даниела Гашовска

Битола не е само град во кој живееме, туку наследство што го носиме во срцата. Нејзината слобода е испишана со храброста на оние што не се поклонија пред стравот, а наш долг е да ја чуваме со љубов, единство и достоинство. Зашто народ без спомени може да го изгуби минатото, но народ без слобода ризикува да ја изгуби и својата иднина. Битола памети,наша должност е да не заборавиме!

3. Маја Ѓоревска Николовска

На нас останува да бидеме достојни за сите животи прерано згаснати, за сите рани никогаш во целост зараснати. Та и ние да бидеме пример и незаборав за генерациите што што по нас низ Битола ќе газат и можеби како на херои нашите имиња ќе ги пазат!

4. Оливер Ѓоргиевски

Битола ја сакаме со срце, ја чуваме со гордост и ја градиме со слобода! Нека 4 Ноември биде вечен потсетник дека слободата е најголемото наследство што го оставаме на идните генерации!“

5. Катерина Леона Анабела-

Битола е повеќе од град – таа е спомен што не избледува, љубов што не познава далечина и гордост што се пренесува од генерација на генерација. Нејзината слобода е светлина од минатото, нејзината убавина е сила на сегашноста, а нејзината иднина живее во срцата на сите што ја сакаат. Каде и да нè однесе животот, дел од нас засекогаш останува во Битола!

Наградите можат да се подигнат секој работен ден, на шалтер за издавање на книги. Честитки!!!

Facebook пост линк: NUUB Facebook