На 6 март беа доделени наградите од конкурсот за краток расказ на тема „Писмо до моето неродено дете“, кој го организираа Организацијата на жени од општина Битола заедно со НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола. И оваа година на конкурсот пристигнаа повеќе од 40 раскази.
Темата за оваа година беше една од најболните теми за жената – болка која никогаш целосно не исчезнува, туку продолжува да живее длабоко во нас како тивок потсетник дека телото и душата можат да ги преживеат и најголемите животни искушенија.
Затоа, комисијата се водеше од основните критериуми за краток расказ – стилот на пишување, искреноста, силата на зборот и приказните кои оставаат силна трага и долго остануваат во сеќавањето.
Комисијата во состав: Светлана Папачек – членка, Гордана Ѓорѓиевска Неделковски – претседателка на комисијата и Белинда Сипкоска Гаштарова – членка, донесе одлука да се наградат следните раскази:
Категорија: возрасни

  • Прва награда – „Мојот мртвороден син“ (шифра 15 03 26)
    авторка Бенита Шапарданова – Битола
  • Втора награда – „Писмото што никогаш нема да биде испратено“ (шифра 1981)
    авторка Каролина Попова – Велес
  • Трета награда – „До нероденото“ (шифра: Измачена душа)
    авторка Дана Тембелеска – Битола
  • Специјална награда за темата гледана од аспект на татко се доделува на расказот „Писмо до моето неродено дете“ (шифра: ЕЗЕРСКИ КРИК),
    автор Димче Каневче – Охрид.
  • Специјални награди за континуирано учество им беа доделени на Весна Апостоловски и Митра Дупчинова.

Оваа година награди во категоријата ученици не беа доделени.
Покрај тоа што ги наградивме најдобрите раскази, сакаме искрено да им се заблагодариме на сите кои собраа храброст да пишуваат на оваа чувствителна тема. Зашто понекогаш пишувањето не е само уметност – туку и лекување, начин да се изговори она што долго време било премолчено.
Ви благодариме на сите што ги споделивте вашите приказни, мисли и чувства. Со тоа не само што создадовте литература, туку создадовте и простор за разбирање, сочувство и човечност.
За сите учесници следуваа благодарници.
Наградите се обезбедени под покровителство на Советот за женско претприемништво при Општина Битола.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook