Посета на Шведска и Данска – култура, традиција и нови библиотечни искуства
Во периодот од 4 до 8 септември 2026 година, м-р Фатма Бајрам Аземовска, библиотекар советник и раководител од областа на развој на библиотекарството, меѓународната соработка, маркетингот и односите со јавноста, престојуваше во Трелеборг, Шведска, на покана на Македонското здружение „Пелистер“.
Посетата беше реализирана во духот на пријателството, соработката и зајакнувањето на врските со македонската заедница во Шведска и во Данска, како и по повод одбележувањето на 8 Септември – Денот на независноста на Република Северна Македонија.
Особено значаен дел од програмата беше концертот на Мијата, одржан на 5 септември во „Паркен“ во Трелеборг, во организација на македонската заедница и Македонската библиотека во Трелеборг.
Настанот започна со интонирање на македонската и шведската химна, а членовите на играорната група „Монистра“ ја збогатија програмата со прекрасен сплет од македонски народни ора. Потоа следуваше концерт исполнет со силни емоции и вистинска музичка уметност, создадена од фантастичниот вокал на Мијата и извонредните музичари виртуози.
Во рамките на престојот беше реализирана и посета на Главната библиотека во Гладсаксе – Gladsaxe Hovedbibliotek во Данска. Посетата овозможи непосредно запознавање со организацијата, просторот, современите услуги и начинот на функционирање на една данска јавна библиотека.
Ваквите посети се драгоцена можност за размена на искуства, запознавање со добри европски библиотечни практики и развивање нови идеи за унапредување на библиотечните услуги и меѓународната соработка.
Упатуваме искрена благодарност до г. Маријан Бошевски, до Елизабета Ристевска Дамева, до Македонското здружение „Пелистер“, до Македонската библиотека во Трелеборг, како и до сите домаќини и организатори, за поканата, срдечното гостопримство, вниманието и прекрасните заеднички моменти.
Со ваквите средби ги чуваме македонскиот јазик, музика, традиција и културен идентитет, градиме мостови меѓу заедниците и отвораме нови можности за културна и професионална соработка.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook