На 14.4.2022 година во просториите на НУУБ „Св.Климент Охридски“ – Битола се реализира втората работилница од проектот „Креативни забавни работилници за поттикнување на читањето на децата со попреченост“, одобрен од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Во оваа работилница имавме можност да се дружиме и читаме со: Христијан, Мелиха, Никола, Марија, Андреј, Афродита, Ава, Вероника и Бајрам. Овој пат сите заедно уживавме во читањето на сликовницата „Волшебната фотелја„ од Гордана Мишевска, која не понесе низ вселената и ни даде можност да сонуваме со отворени очи за вселената и да научиме нешто ново за планетите.
Втората приказна ни ја раскажа на свој уникаен начин малата Мелиха. Секоја слика беше инспирација за таа да раскаже една убава приказна. Тоа што таа не знае да чита не ја спречи да се дружи со книгите. Сликовниците на сите ни даваат можност да сме креативни и да составиме своја приказна. Слика по слика, прекрасна фантазија. Браво за малата Мелиха.
Топлината на нивните срца, нивната насмевка е незаменлива. Овие дечиња покажаа дека се навистина креативни и знаат преубаво да бојат и да цртаат.
Библиотеката е дом за сите. Катче за забава и другарување на сите. Тука сме сите исто, јас, ти, тој и таа.
Со нетрпение ја очекуваме третата работилница а веќе ја имаме договорено нашата наредна креативност.