Во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, се одржа една поинаква, разиграна и исполнета со детска радост промоција на книгата „Букволенд“, настан на кој буквите оживеаја преку игра, песна, театар и магија!

Oваа креативна авантура ја следеа првачињата од ООУ „Гоце Делчев“ и ООУ „Кирил и Методиј“, кои со љубопитност и воодушевување уживаа во делови од претставата „Зборови“, во изведба на младите и талентирани актери од Бабец театар. Преку театарската магија, децата имаа можност да се сретнат со моќта на зборовите и убавината на јазикот.

На присутните преку видеообраќање им се обрати и авторката на книгата, Сања Стровјановска, дипломиран педагог, која ја сподели својата порака и љубовта кон оваа креативна приказна за буквите.

Посебно внимание привлече и говор на проф. д-р Елизабета Томевска Илиевска, која истакна дека книгата „Букволенд“ има благородна и значајна цел да им помогне на децата полесно и поспонтано да ги совладаат буквите, да ги поврзуваат во првите слогови и да ги создаваат своите први зборови, учејќи низ игра, креативност и радост.

А кога буквите ќе почнат да пеат, тогаш забавата нема крај! Настанот го заокруживме со многу песна, музика и заедничко пеење песни посветени на буквите.

Но, бидејќи библиотеката е магично и волшебно место, за вистински волшебен крај се погрижи магионичарот Марло, кој со своите интересни точки посветени на буквите и нивната магија ги воодушеви најмладите посетители и им подари моменти исполнети со смеа, изненадувања и восхит.

Уште еднаш потврдивме дека библиотеката не е само место каде што се читаат книги – таа е место каде што се учи преку игра, се открива преку песна, се создаваат пријателства и секој нов збор станува мала магија!

Зашто во Букволенд секоја буква има своја приказна, секој збор крие една авантура, а секое дете е мал волшебник на знаењето!

Благодарност до сите учесници, ученици, наставници, авторката, Бабец театар и магионичарот Марло и младата модераторка на настанот Елеонора Блажевска што беа дел од оваа прекрасна книжевна дружба!

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook