Н.Е. м-р Ренате Коблер-Амбасадор на Република Австрија во Република Македонија на ден 13.12.2017 ( среда) ја посети Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ Битола и на директорот на НУУБ м-р Јелена Петровска и ја предаде овогодишната донација на книги за Австриската библиотека во Битола.
Донацијата со која ќе се збогати библиотечниот фонд на Австриската библиотека во Битола се состои од:
• литература од австриски писатели,
• литература од германски писатели,
• методски прирачници за наставници по германски јазик,
• учебници и работни тетратки во издание на Австрискиот фонд за интеграција (Österreichischer Intergrationsfonds),
• лексикони за австриската книжевност и стручна литература од областа на информатиката по барање на Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола (ФИКТ).
Ученици од ОУ „Елпида Караманди“ – Битола кои го изучуваат германскиот јазик под раководство на проф. Билјана Митковска – наставник по германски јазик, при оваа посета на Н.Е. Ренате Коблер-Амбасадор на Република Австрија во Република Македонија го презентираа проектот „Читање и преведување на дела од литература за деца и млади – романот „Katzenmusik“ од Renate Welsh“.
Овој проект беше еден од проектите со кои Австриската библиотека, НУУБ „Св. Климент Охридски“ и Почесниот Австриски конзулат во Битола го одбележаа фестивалот „Австрија чита 2017“ “Österreich liest 2017”, а истиот се организира секоја година во Република Австрија и во сите Австриски библиотеки ширум светот.
Учениците на германски јазик исто така претставија биографски податоци од Ренате Велш (австриска писателка за деца и млади – која ќе гостува во Битола во март 2018) и ја прочитаа прераскажаната приказна „Мачкина музика“, кое дело двојазично и го подарија на Амбасадорката Коблер.