Најголемиот австриски фестивал на литературата го слави својот 10 годишен јубилеј! Под мотото „Австрија чита, место за средба- библиотека“ активност организира и Австриската библиотека во Битола, имено на 21.10. со почеток во 19.00 часот Почесниот конзул на Република Австрија во Република Македонија д-р Валентина Илиева пред присутните ученици од Музичкото училиште од Битола и ученици од Гимназијата „Таки Даскало“ од Битола прочита текстови за операта „Волшебната флејта“ од австрискиот музички и светски гениј Волфганг Амадеус Моцарт.
Учениците беа организирани од страна на нивната проф. по германски јазик г-ѓа Елена Сотиров и учениците покрај интересните текстови за настанувањето и приказната на најславната Моцартова опера имаа можност да уживаат и во музички сегменти од операта.Желба за читање на дел од текстовите изразија неколку ученици и самите покажаа колку добро го научиле германскиот јазик. На крај секој ученик доби знак за читање, текст и Моцарт кугла.