Националната Установа Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ – Битола, Француската Алијанса од Битола и ООУ „Даме Груев“ – Битола денеска на ден 24.4.2023 година заеднички го одбележаа празнувањето на празникот Бајрам.
Во претходниот период учениците учеа како се прославува католичкиот и православниот Велигден.
Верниците од муслиманска вероисповед го одбележуваат – слават Рамазан-Бајрам.
Учениците Леона и Армандо подготвија презентација за празникот Бајрам.
Празникот се слави три дена и почнува токму по завршувањето на постите, со што се означува крајот на месецот рамазан, во кој муслиманите постеа, односно не јадеа и не пиеја ништо од изгрејсонце до зајдисонце.
Тоа е деветтиот месец во исламскиот календар и го означува почетокот на објавата на светата книга за муслиманите, Куранот.
Почит кон постарите и подароци за децата
Овој ден муслиманските верници го започнуваат со молитва во џамија. Потоа, обичајот е да одат на гробишта за да ги посетат гробовите на предците и на блиските. Кога сето семејство ќе се собере дома, почнува меѓусебното честитање на Бајрамот.
Обичајот е празникот прво им се честита на најстарите, а потоа на другите.
По честитањето во кругот на семејството се оди на честитање на постарите роднини и пријатели ако живеат во истиот град или село.
Помладите секогаш одат кај постарите.
Честитките се реализираат и преку телефон и преку социјалните мрежи на интернет.
Бајрамот е, исто така, време на помирување на скараните, на бацување рака на постарите.
На празникот најмногу се радуваат децата бидејќи добиваат голем број подароци, но и нова облека и играчки. Децата добиваат слатки кога и да заѕвонат на ѕвоното на кој било дом.
За славењето на денот се приготвуваат и се служат традиционалните бајрамски јадења (бајрамско месо, аландити и баклава).
Помош за сиромашните и осамените.
Целта на Бајрамот е сите да се потсетат на сиромашните, на децата без родители и на осамените, но и да се најде начин да им се овозможи овој ден да го поминат достојно.
Хуманоста е една од главните димензии што го отсликуваат празникот.
Им благодариме на наставничките Билјана Додовска Горгиев и Соња Кондовска за целата организација, позитивен пристап и ангажираноста.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook