Денеска во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола се одржа едукативна и креативна работилница со дел од учениците од ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ – Битола. Посетата беше исполнета со многу позитивна енергија, љубопитност и љубов кон книгата и читањето.

Учениците најпрво имаа можност да го посетат детскиот оддел на библиотеката, каде накратко се запознаа со просторот, фондот на книги и активностите што библиотеката ги реализира за најмладите читатели. Преку разговор и дружење тие дознаа колку е важно читањето и како библиотеката претставува место каде што се развиваат знаењето, имагинацијата и креативноста.

Во рамките на посетата, директорката м-р Емилија Стефановска Давкова им подари книга на учениците, како симболичен подарок и поттик за понатамошно другарување со книгите и читањето. Овој гест предизвика голема радост кај учениците и уште еднаш ја потврди важноста од негувањето на читачките навики уште од најрана возраст.

Посебна благодарност упатуваме до директорката Билјана Темелкова, наставничките Наташа Тодоровска, Соња Крајчевска, Билјана Рахманова Тасева и Билјана Петковска за нивната посветеност, соработка и поддршка во реализацијата на оваа активност.

Во текот на работилницата успешно се реализира и активноста „Штафетно читање“, преку која учениците читаа со голем ентузијазам, меѓусебно се охрабруваа и ја споделуваа радоста од читањето. Настанот помина во пријатна атмосфера, исполнета со насмевки, дружење и прекрасна љубов кон книгата.

Ваквите средби се уште една потврда дека библиотеката е важен културен и образовен простор каде децата можат да учат, да творат и да ја развиваат својата љубов кон литературата.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook