Во месецот кога се одбележува 123 годишнината од смртта на македонскиот великан Гоце Делчев, денес 13.5.2026 год. во нашата библиотека се одржа креативна работилница со учениците од петто одделение од ООУ „Коле Канински“ – Битола за историските настани и значајни личности од историјата на македонскиот народ и неговите револуционерни врвици.
Во романот „Гоце Делчев“ опишани се токму таквите настани и личности од историјата на еден народ, како и животните и револуционерните врвици на самиот Делчев.
Роден е во Кукуш во Егејска Македонија, чесен и искрен кон сите и немал страв од никого и ништо, а сакал на сите да помогне.
Негова била идејата за Илинденското востание, а со неговата најпозната мисла: „Јас го разбирам светот како поле на културен натпревар помеѓу народите“ ја овековечил борбата на умот, наспроти силата и насилството.
Анализирајќи го овој роман учениците изразија голема креативност при неговата анализа.
На работен лист составуваа мрежи на темата, а преку методот „Шест шапки го разгледавме неговиот лик и животен пат од различни аспекти:
-Фактографија: Ги утврдивме клучните историски датуми и настани.
-Емоции: Дискутиравме за неговиот патриотизам и хуманизам.
– Критика: Ги анализиравме опасностите и причините за неуспехот на одредени планови.
– Визија: Размислуваа и разговараа за тоа како би изгледала неговата борба во денешното дигитално време.
Преку оваа активност учениците не само што ги продлабочија знаењата за Апостолот на македонската револуција, туку развија и вештини за критичко размислување и тимска работа, заклучувајќи дека Гоце бил срцето на револуционерна Македонија и душата на внатрешната организација.
Голем македонски војвода кој живее во срцата на своите поколенија.
Работилницата се одвиваше во пријатна и конструктивна атмосфера, а учениците задоволни изразија желба да се продолжи соработката со нашата библиотека.
Голема благодарност до наставничката Билјана Чурлевска Маневска и до директорката Дијана Христовска.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook