На 29 април 2026 година, Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, имаше чест да биде домаќин на Неговата Екселенција Мартин Памер, Амбасадорот на Р. Австрија.

Во рамките на посетата, директорката

м-р Емилија Стефановска-Давкова оствари работен состанок со амбасадорот, во присуство на стручните библиотекари, при што беа разгледани повеќе значајни аспекти поврзани со развојот на оваа институција.

Посебен акцент беше ставен на унапредувањето на Австриското катче, кое е дел од нашата библиотека и го користат нашите наставници, професори, студенти и сите оние кои го изучуваат германскиот јазик. Оттука, се потенцираа можностите за продлабочување на соработката во насока на збогатување на фондот со литература на германски јазик, со поддршка од Република Австрија. Воедно, беа разгледани и иницијативи за поинтензивно вклучување на учениците од основните и средните училишта, но посебен е интересот за вклучување на студентите од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола кои го изучуваат германскиот јазик, кои сѐ повеќе би ги користеле овие библиотечни ресурси.

Во текот на разговорите беа отворени повеќе прашања од заеднички интерес, кои не се однесуваат само на институционалниот развој, туку и на поттикнувањето на културниот и образовниот ангажман кај младите, како и на афирмацијата на Битола како значаен културен центар што ќе ги привлече младите да се реализираат како активни, академски граѓани во Битола.

Како гест на благодарност и почит, директорката му подари на амбасадорот една Монографија и Публикација посветена на 80-годишниот јубилеј на Библиотеката од 2025 година, чиј автор е токму таа, како и најновиот број од стручното списание „Библиотечен тренд“.

Посебен интерес беше пројавен за едно ретко издание од фондот на роднокрајното одделение, кое не е достапно во други институции. По тој повод, за потребите на едно од понатамошните научни истражувања на г. Памер, беше изработена фотокопија од делото и му беше врачена на амбасадорот.

Во завршниот дел од посетата, директорката, заедно со Маријан Колевски виш библиотекар и Јулијана Христовска-Кулевска библиотекар-помошник, организираа обиколка на библиотеката, при што беа презентирани: музејската поставка каде се наоѓа и австриската печатарска машина, детскиот оддел, периодиката, роднокрајното одделение, салите за состаноци и промоции, како и современо опремените, дигитализирани и климатизирани, мултифункционални читални.

Амбасадорот изрази искрена благодарност за гостопримството и високото ниво на професионалност, при што беше заеднички истакната подготвеноста за понатамошно продлабочување на соработката преку конкретни идни проекти и работни средби.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook