Градската и државната библиотека Дортмунд е една од најголемите германски библиотеки во регионот и се наоѓа во центарот на градот Дортмунд, директно спроти главната железничка станица. Централната библиотека е дизајнирана од архитектот Марио Бота од Лугано – Швајцарија, и  освен централната библиотека во состав има уште девет библиотеки во градот. Освен најсовремено уреден простор прилагоден кон сите видови корисници и голем број на разновидна библиотечна граѓа, библиотеката се издвојува по уметничката колекција т.н. Артотека (Artothek) која што нуди позајмување на 1300 експонати на современа уметност од регионални, национални и меѓународни уметници во многу стилови и техники (најчесто графика). Графики, акварели, скулптури и цртежи можат да се позајмат на три месеци. Исто така организира уметнички изложби од регионални уметници, промоции и разговори со уметниците.

Услугата „мобилна библиотека“ им овозможува на корисниците кои не можат самите да ја посетат библиотеката поради болест или возраст снабдување со книги, аудио книги и други медиуми од Градската и Државната библиотека до нивните домови.

На работна средба со библиотекарите од Одделот за позајмување  е разговарано за сместување на библиотечна граѓа по области, нивното обележување за полесно наоѓање на граѓата и за можности за самопозајмување, враќање и резервација.

Библиотеката е позната  по сеопфатната програма за обука на средношколци, која се одвива во тесна соработка со подрачните училишта. Библиотеката нуди програма за промоција на читањето, како и специјални понуди за настава по информатичка писменост и тури низ специјалните збирки.

Со порталот за пребарување Digibib plus, корисниците на библиотеката можат истовремено да пребаруваат во каталогот на библиотеката, да имаат достап до електронски списанија, е-книги, универзитетски тези и бази на податоци со целосни текстови. Дополнително, насловите кои не се достапни на интернет или во библиотеката може веднаш да се нарачаат преку меѓубиблиотечно позајмување. Збирката на библиотеката вклучува голем број специјализирани е-книги од различни предметни области и други е-книги. Електронските ресурси се исто така достапни за пристап од дома. Предуслов е автентициран пристап со важечки матичен број и PIN.

Библиотека плени со својот современ изглед, просторни решенија, лесно пронаоѓање на библиотечната граѓа и пред се професионални и љубезни библиотекари.

Дортмунд (Р.Германија) – (30.11.2022 г.)

Јелена Петровска

Лидија Мирчевска

Даниела Ќурчиевска

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook