Во рамки на проектот „Креативен начин на пристап до информации за студентите од битолскиот универзитет“ беше организирана третата работилница овој пат со студентите од Техничко Технолошкиот факултет од Велес со дисперзираните студии во Битола и ученици од СОУ „Јосип Броз Тито“.

Гостин на ова значајно предавање беше почитуваниот професор во пензија, проф. д-р Данеш Шамс од Канада, чиј богат академски и истражувачки придонес остави силен впечаток кај присутните. Пред учесниците, тој одржа извонредно и инспиративно излагање посветено на важноста на знаењето и неговото правилно градење преку внимателна и етичка употреба на релевантни извори.

Во текот на своето предавање, професорот Шамс посебен акцент стави на критичкото размислување, академската чесност и потребата од длабоко разбирање на информациите, наместо нивно површно прифаќање. Тој ја нагласи улогата на изворите како темел на секое квалитетно истражување и посочи дека правилната селекција и интерпретација на податоците претставува клучен чекор во процесот на стекнување вистинско знаење.

Присутните имаа можност не само да слушнат теоретски согледувања, туку и да се запознаат со практични примери и искуства од долгогодишната кариера на професорот, што дополнително го збогати настанот. Предавањето беше проследено со голем интерес, а дискусијата што следеше отвори нови перспективи и поттикна размислување за современите предизвици во образованието и науката.

Во вториот дел од работилницата, учесниците беа подетално запознаени со условите и можностите што ги нуди библиотеката, како и со користењето на базата на податоци COBISS+. Особено внимание беше посветено на практичните начини за пронаоѓање на посакуваните извори, при што беше објаснет целиот процес – од основно пребарување до напредни техники за филтрирање на резултатите.

Координаторката на проектот и директорката на Библиотеката, преку низа јасни и применливи примери, им овозможија на присутните да стекнат конкретни вештини за брзо, ефикасно и точно пребарување низ библиотечните бази кои го користат овој систем. Учесниците имаа можност активно да се вклучат, да поставуваат прашања и самостојно да вежбаат, што значително придонесе за подобро разбирање и практична примена на стекнатото знаење.

Овој дел од работилницата беше особено корисен, бидејќи им помогна на учесниците да се стекнат со алатки што ќе им бидат од голема корист во нивната понатамошна академска и истражувачка работа.

Голема благодарност до асс. д-р Катерина Темелковска Ристевска и професорката Николина Ѓуровска за соработката, како и до професорките кои зедоа активно учество во настанот.

Огромна благодарност и до професорот Шамс за целокупната соработка со нашата Библиотека.

Професорот Данеш Шамс е пензиониран универзитетски професор и истражувач со долгогодишно меѓународно академско искуство во областа на образованието, филозофијата и развојот на човечки потенцијали. Своите докторски студии ги завршил на Универзитет Чарлс Дарвин, каде што се стекнал со титулата Доктор по настава (DNC), како и на Национален универзитет Донг Хуа, каде докторирал во областа на образованието, со фокус на дизајн на наставни програми и развој на човечки потенцијали. Дополнително, поседува сертификат од Харвард Универзитет за родителска улога во образовни интервенции. Во текот на својата академска кариера, професорот Шамс предавал и соработувал со повеќе меѓународни образовни институции, меѓу кои Национален универзитет Тајтунг, Бахаи Институт за високо образование во Тајван и Меѓународно училиште Максвел- Канада.

Неговата работа е насочена кон развој на критичко размислување, етички вредности и современи образовни пристапи. Професорот предавал предмети од областа на филозофијата на образованието, филозофијата на животот, социјалната правда, основите на западната цивилизација и меѓународните односи. Исто така, активно и понатаму работи на менторирање, надгледување и советување на дипломирани студенти, како и водење семинари за изработка на тези и дисертации.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook