Меѓународна соработка и размена на искуства помеѓу делегација од Националната установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола и Националната централна библиотека во Рим – Италија, една од најзначајните библиотеки во Европа, основана во 1876 година.
Делегацијата од Битола беше предводена од директорката на библиотеката, м-р Емилија Стефановска-Давкова, а во нејзиниот состав беше и
м-р Зоран Јанакиевски, советник за информатички работи. Тие беа пречекани со висока почит од страна на заменик-директорката на библиотеката, Силвана де Капуа, како и од водечките стручњаци од повеќе сектори: Фабио Д’Орсоња – раководител на дигиталната библиотека и секторот за дигитализација, Андреа Каппа – раководител на секторот за ракописи и раритетни книги и Енрико Бертолини – раководител на ИТ секторот.
Во своето обраќање, директорката говореше за развојниот пат на Библиотеката, нејзината визија и стратешката мисија во правец на дигитализација, модернизација, физичко проширување и позиционирање како водечка културно-образовна установа во регионот. На настанот беше прикажано и видео во кое беше опфатена историјата на Библиотеката, одбележувањето на 80 годишниот јубилеј, изложбата на градот Битола, градот на клавирите, градот на конзулите.
Исто така, во просторијата ги изложивме и публикациите што ги издала НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, 30 изданија од кои скоро сите се преведени и на англиски јазик, за поширока, меѓународна промоција.
Високата италијанска делегација ја прошетаа македонската делегација низ импресивните простории на Националната централна библиотека – Рим која опфаќа површина од 15.000 м² и бележи висока дневна посетеност од околу 1.000 корисници. Делегацијата имаше можност да ги посети и специјализираните библиотеки за медицина, музика, спорт и други области, како и лабораторијата за дигитализација итн.
Посетата овозможи размена на искуства во областа на дигитализацијата, презентација на културното и духовното наследство, како и запознавање со организацијата и капацитетите на Националната библиотека во Рим.
Заокружувањето на настанот со потпишување меморандум за соработка постави темел за идни заеднички проекти и институционално партнерство.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook