Денес се одржа втората работилница од проектот „Креативен начин на пристап до информации за студентите од битолскиот универзитет“ заедно со студентите од Правниот факултет – Кичево, ДС Битола.Пред присутните се обрати Деканката проф. д-р Светлана Вељановска, која зборуваше за академската важност за користење на стручната и научна литература при студирањето, посочувајќи и лични примери од придобивките како член на библиотеката. На присутните им беа дадени и идеи како да пишуваат трудови, од релевантни извори на информации како што поседуваат библиотеките, креативни и истражувачки трудови, преку пристап до бази на податоци кои ги овозможува COBISS+ системот.

Пред присутните се обрати и директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановска -Давкова, посочувајќи им дека библиотеката постојано го надополнува фондот на книги со стручна и научна литература сѐ со цел да им овозможи полесен пристап до литература на студентите која им е потребна за време на нивното студирање, за да се оформат како квалитетни академски граѓани.

Во практичниот дел, координаторите на проектот ги претставија условите кои им ги нуди библиотеката на студентите: целосно опремени, дигитализирани и климатизирани мултимедијални читални,сали за промоции, дневна соба, пристап до периодиката и некнижниот библиотечен фонд, итн.

Во оваа прилика студентите имаа можност на практичен начин да се запознаат со базите за пребарување бидејќи НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола како активен дел од регионалната библиотечно-информациска мрежа COBISS.NET им нуди пристап и до литература надвор од нашите граници.

Целта на оваа презентација беше студентите да стекнат основни познавања за функционирањето на COBISS+ и да ги согледаат неговите бројни можности при пребарувањето.

Голема благодарност до целиот тим на Правниот факултет при УКЛО- Битола, како на професорите, така и на студентите кои зедоа активно учество во овој настан.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook