Во месец мај, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола со кафе го посети нашиот млад писател и адвокат Никола Илијовски во неговата адвокатска канцаларија. Тој нѐ пречека како секој добар домаќин и разговорот можеше да почнe.
Никола Илијовски е млад адвокат и писател кој секогаш нѐ изнeнадува со свои нови дела. До сега тој е автор на книгите поезија: „Пламен на вечноста“ (2011), „Далечна илузија“ (2013), „Carpe diem“ (2014) „Врати во времето“ (2015), „Градина од забранети овошки“ (2020) и „Билет за еден смешен свет“ – поезија за деца и млади (2020). Покрај тоа што сака да пишува поезија тој е автор и на книгата раскази „Една друга сегашност“ (2018).
Претседател е на Здружението за книжевен развој „НОВ ВАВИЛОН“ од Битола, а бил уредник на повеќе од 150 книжевни наслови.
Тој исто така објавува свои прилози во домашните книжевни списанија. За своето творештво е носител на неколку книжевни награди. Член е на Друштвото на писатели на Македонија и Битолскиот Книжевен круг.
Кога го запрашавме за неговите почетоци, тој ни кажа: „Пишувам од дете, од најрана возраст. Пишувам поезија, кратки раскази, имав дури и еден обид да напишам роман кој сè уште не е завршен. Зборовите некако сами ми доаѓаат и морам да ги запишам. Покрај тоа што пишувам многу сакам и да читам. Гледате дека во мојата канцаларија имам приватна библиотека, а уште една поголема имам дома. Иако имам милион обврски на работа и дома, практикувам секоја вечер пред спиење да прочитам барем едно поглавје од некоја книга“.
Го запрашавме што тој најмногу сака да чита, што е она го задржува неговото внимание, а тој ни одговори: „Најмногу сакам да читам филозофски научни романи, романи кои се класика, а и психолошки романи.“
Наредно го запрашавме кога наоѓа време да твори, а тој ни кажа: „Секогаш кога ќе добијам инспирација ја запишувам, потоа избирам кои творби во кое мое дело ќе бидат собрани. Моментално завршив со пишување и средување на книги со поезија за деца и Хаику поезија кои веќе се печатат“.
На нашите драги читатели за крај тој им порача: „Да го читаат само она што ги мотивира и интелекутално воздигнува, да ги читаат делата што носат безвременски идеи и никогаш да не се задржуваат само на една област и еден автор, оти убавината е во разноликоста. Во секој случај читањето е истовремена забава на умот и паралелно живеење во друг свет, па читајте книги што проектираат возбуда и вечно задоволство.“
А нас ни останува да се заблагодариме за прекрасниот прием и да ги поканиме нашите читатели во нашата библиотека да изнајмат некоја од неговите книги.
Подготвил: м-р Гордана Ѓоргиевска-Неделковски