Втор стручен собир на факултетските библиотеки на тема „Библиотечната дејност на факултетските библиотеки на УКЛО во услови на пандемија и кризни ситуации“

Во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола во рамките на реализација на проекти поддржани од Министерството за култура на Р. Северна Македонија се одржа Втор стручен собир на факултетските библиотеки.

Тема на Собирот „Библиотечната дејност на факултетските библиотеки на УКЛО во услови на пандемија и кризни ситуации“ наиде на големо интересирање на присутните библиотекари, заради фактот дека до сега немало едукации на библиотекарите за снаоѓање во ситуации кои налагаат брзо преструктуирање на работниот процес во библиотечните институции.

Собирот со воведни излагања го отворија директорот на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Бојан Стефановски и координатор на проектот раководител на Сектор и библиотекар советник Лидија Мирчевска.

Присутните имаа можност да го проследат предавањето на Драгана Типсаревиќ, библиотекар консултант и советник и долгогодишен директор на Библиотека „Стефан Првовенчани“ од Краљево, Р. Србија. Типсаревиќ зборуваше за најновите изданија и преводи од библиотечната дејност преведени на српски јазик, а воедно и за важноста на читање и активности на библиотеката од Краљево за популаризација на читањето.

Работниот дел од Собирот го водеа м-р Јелена Петровска, библиотекар советник и програмски раководител и библиотекар Ирена Колевска кои ги презентираа резултатите на анкетирањето на факултетските библиотеки во однос на библиотечната граѓа, техничка опременост, библиотечен кадар и можности за целосна автоматизација на библиотечните процеси во рамките на Универзитетот. Посебен дел од презентацијата беше посветен на работа на библиотеките во времето на пандемија и кризни ситуации (поплава, земјотрес, свлечишта и т.н.)

Учесниците имаа и дискусија по однос на темите и подготовки за идниот Собир. Имаа можност да ги евалуираат предавачите и да добијат сертификат за присуство.

Подготвија:

Јелена Петровска

Ирена Колевска

Facebook link