На втората работна средба, директорот на Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Бојан Стефановски, и австрискиот амбасадор, Н.Е. м-р Мартин Памер, разгледаа можности за соработка на полето на културата и библиотечната дејност. Главната тема беше приближување на културите на двата народа преку размена на содржини од областа на културното наследство.

Амбасадорот Памер и Стефановски разговараа за донацијата на книги од Австриската амбасада и нивната улога во популаризацијата на австриската култура и јазик. Изнесени беа конструктивни идеи за организирање активности поврзани со изучување на германскиот јазик и австриската култура и уметност. Дополнително, беше разгледана можноста за организирање културни настани како изложби, предавања и работилници кои ќе го збогатат културниот живот на Битола и ќе го приближат австриското културно наследство до локалната заедница.

На состанокот присуствуваше и м-р Фатма Бајрам Аземовска, раководител од областа на развој на библиотекарството, меѓународна соработка, маркетинг и односи со јавноста во Библиотеката.

На крајот, дискутираа за активности кои би биле во интерес на читателите и граѓаните на Битола. Соработката е важен чекор кон унапредување на културната размена и зајакнување на врските помеѓу двата народа.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook