Книги од пред еден век на изложба во Битола

Печати

( 2 Гласа )

Стотина раритетни книги со кои располага битолската библиотека првпат ќе бидат јавно изложени на музејска поставка во приземниот дел, кој наскоро ќе биде ентериерно преуреден. Библиотечна изложба ќе биде постојана. Ретките книги кои ќе бидат изложени датираат од 19 и почетокот на 20 век, а претежно се напишани на француски, англиски, бугарски и грчки јазик. Меѓу најстарите во збирката ќе биде „Книга за Илија Коларац“ од 1896 година, објавена на српски јазик за еден од најголемите помагачи на книжевноста на Балканот во 19 век. Потоа, Грчки атлас од 1905 година со карти од светот и од Балканот, Руска енциклопедија од 1910 година, „Портфолио на светот“ од истата година, еден од ретките примероци на „Војна и мир“ од Толстој, печатен во Москва во 1912 година. Освен книги ќе бидат изложени и најстарите весници што се печателе во Битола, и тоа „Пелистерско ехо“ од 1911 година, првиот број на „Пелагонија“ објавен во 1945 година и други.

- Поставката ќе биде сместена на простор од стотина квадрати. Се работи за проект поддржан од Министерство за култура и се надевам дека во првата половина од годинава ќе биде завршен. Ќе имаме катче кое со гордост ќе може да им го претставиме на посетителите на нашата библиотека. Старите книги не се издаваат надвор од библиотеката, целосно се заштитени, направивме фотокопии за во читалница - изјави Науме Ѓоргиевски, директор на библиотеката.
Оваа установа денес брои над 500.000 библиотечни единици и ја продолжува долговековната библиотечна традиција на Битола. Тука уште во 1434 година била отворена првата османлиска библиотека, а во поширокиот Битолски регион во 18 и 19 век постоеле неколку манастирски библиотеки. За жал, овој стар и значаен фонд на книги не е зачуван во Битола, па примероци од нив нема да има во библиотечната музејска поставка што е во подготовка.

- Првата османлиска библиотека се наоѓала во Исак џамија во Битола. Тука имало медреса (училиште), а во нејзини рамки и библиотека која содржела претежно арапски верски книги. Исак Челеби, кој бил по потекло од Солун, дошол тука и ја формирал првата библиотека. Книгите не се зачувани, но знаеме дел од насловите и ги имаме објавено во „Книгата и нејзиното место во културниот живот на исламскиот свет во Битола“. Таму имало од 400 до 500 книги, за тој период тоа било голема бројка. Во историски архив успеавме да најдеме само една - вели директорот Ѓоргиевски.

Од манастирските библиотеки предничеле оние во Слепченскиот и во Буковскиот манастир.

- Податоците на кои наидувавме укажуваа дека се однесени во други библиотеки и архиви, како што заминувале туѓинците од овде, така си земале дел од нив. Преродбеникот Џинот има многу пишувано за тоа, колку нашол, во кој период, што било запалено, земено. Од тој фонд нешто е зачувано како црковна литература во митрополитската библиотека во Битола. Но, многу книги биле изгорени и разграбани - вели Илче Стојановски, програмски директор во библиотеката.

Во поставката ќе бидат изложени и две стари печатарски машини, на едната се печателе првите библиотечни членски книшки, а другата се користела за време на НОБ. Ќе се презентираат и првите картотеки и рачно пишувани картончиња.