Најубавите животни приказни усно пренесени од нашите баби и дедовци

Печати

( 0 Гласа )

Секоја генерација носи свои животни приказни. Времето толку брзо ги менува условите, што дел од тие традиции и начин на живот на нашите предци полека исчезнува. Векови наназад  овие традиции се пренесуваат усно или материјално од генерација на генерација, се со цел дел од нив да бидат зачувани и пренесени на наредните генерации.
По тој повод, во НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола се одржа една прекрасна работилница во која учество зедоа бабите и дедовците на  учениците од III-в одделение од ООУ „Даме Груев“- Битола, кои со својата наставничка Марина Божиновска беа дел од ова патување низ времето.
Од почитуваните гости,  баба Тодорка Василевска не запозна со народните носии: прекрасни фустани, грклани, појаси, накит и  украси, кои ги носеле жените пред еден век. Толку педантно зачувани и спремни да се пренесат на наредните генерации. Со толку восхит им раскажуваше баба Тодорка на учениците, за начинот на кој целата облека се изработувала рачно, како од волната преку рачна изработка се до добивањето на тие прекрасни алишта.
Баба Вера Пејчиновска пак ни раскажа како порано се добивало брашното. Од самото сеењето на житото, па неговото жнеење и врав (вршење со коњите во гумно) процес кога се делат зрната од житото, од кои понатаму се прави брашно, а од остатокот слама која ја користеле во зимата за хранење на стоката.  
Дедо Гоце Пачовски, ни раскажуваше како е да се биде ученик во негово време. Тој дури се сеќаваше и на првата песничка „ Брзај, брзај прваче...“ која ја научил кога тргнал на училиште. Раскажуваше за почитта кон наставникот и за правилата по кој учеле во негово време. За методите на наставниците кон воспитувањето на децата.  
Баба Дона Цветковска ни зборуваше пак за приготвувањето на здрава храна. Како порано луѓето морале сами да си подготват се, будејќи не можело да се купи. Ни раскажа за подготвувањето на палентата, или тогашниот специјалитет бакрданик кој често го подготвувале домаќинките. Како и подготовка на матеница (маштеница) од млекото во дрвен сат кој се вика бутим.
Баба Оливера Радевска на овие прекрасни дечиња им раскажа како се прават традиционалните јадења како што е зелник и мазник кои сеуште ги прават за своите внучиња. Сите овие техники и рецепти биле усно и писмено пренесувани со генерации, а што е карактеристично дека секоја куќа, односно домаќинка си имала свои техники поразлични од другите.
НУУБ „Св. Климент Охридски“- Битола како благодарност на овие прекрасни гости им поклони по една книга, а учениците имаа можност да ја разгледаат нашата библиотека и да видат дека и библиотеката има свој музеј во кој го чува националното богатство, односно спомените од рачното работење.  
Подготвил: м-р Гордана Ѓоргиевска-Неделковски

Повеќе фотографии од овој настан на следниот линк: NUUB Facebook