НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола го одбележа 1 февруари – Светскиот ден на гласно читање заедно со учениците од второ одделение од подрачното училиште „Тодор Ангелевски“ – Горно Оризари. Кампањата „Да читаме на глас“ се организира по повод Европската година на гласно читање, прогласена од Европската организација за унапредување на читањето EU READ, со што се нагласува важноста на гласното читање во развојот на навиките и вештините за читање кај децата.

Учениците денес ни пристигнаа дотерани во кокичиња, цвеќе кое ја симболизира упорноста и издржливоста и во студената зима.

Тие со наставничките Бисера Петровска Аргиновска и Тинка Стојановска ни подготвија една џиновска книга за зимата. Многу песни, текстови и слики ја красеа секоја страна од оваа книга. А потоа учениците ни покажаа како знаат убаво и течно да читаат на глас.

Голема благодарност до раководителот на училиштето Благоја Трајковски за поддршката во реализирањето на заедничките активности.

Драги читатели, ученици, родители практикувајте барем 15 минути да им читате гласно на децата и најдете време да ги сослушате децата да ви читаат вас гласно. Само така се учи течно да се чита и секој може текстот да го доживее низ милозвучноста на гласното читање.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook