Во НУУБ „Св. Климент Охридски“ како дел од годишните програми за усовршување на библиотечниот кадар во библиотеката и пошироко е организирано предавање од информатичарот и долгогодишниот раководител на ИТ сектор од Народна библиотека на Р.Србија од Београд, Мирољуб Стојановиќ.

Пред библиотекарите од нашата институција и библиотекари од регионот и пошироко предавачот зборуваше за основите на дигитализацијата, правните аспекти и авторските права, критериуми за дигитализирање, опремата која се користи, како и за сите предизвиците кои стојат пред библиотеките кога се работи за процесот на дигитализација на библиотечниот фонд кој треба да биде усогласен пред се со барањата и интересите на корисниците во поширока смисла.

Во предавањата беа разменети искуства од дигитализација од библиотеките во Р. Србија и Р. С.Македонија, особено во делот на регулирање на стратегии и правилници од страна на надлежните органи, како што се ресорните министерства и матичните служби од националните библиотеки.

Во интерактивна атмосфера библиотекарите поставуваа прашањата и дискутираа за конкретни постапки поврзани со дигитализацијата.

Предавачот се осврна и на предизвиците на дигитализацијата во сложени времиња предизвикани од пандемијата со Ковид 19 , кои наметнаа нови начини во работењето на библиотеките ширум светот. За користењето на различни видови социјални мрежи и алатки за поврзување со клиенти како што е зум (zoom) апликацијата, дигитални материјали кои се од особена важност за пристап кон бараните содржини.

Програмската насоченост кон стекнување на професионални библиотечни компетенции и во следната година ќе биде во фокусот на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола.

23.12.2022.г.

М-р Јелена Петровска, библиотекар советник

Програмски раководител

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook