Ладното време е причина плус, во една прекрасна зимска атмосфера, да се дружиме со книгата и еден од најчитаните битолски писатели.

НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола овој пат на кафе и книга беше со писателот Добре Тодоровски. Писател кој до сега има објавено над 25 дела кои го истакнуваат негово досегашно книжевно достигнување. Неговите романи оставаат голем белег во македонската книжевност бидејќи повеќето од нив се темел на една истражувачка работа и уникатен стил на изразување и пишување.

За своите први запишани зборови писателот Добре Tодоровски ни раскажа една интересна случка од детството. Понесен од емоцииte и случките, детските соништа, првите симпатии, некаде во седмо, осмо одделение случките од детството ги претвора во проза, од која произлегува првиот роман за деца „Бакарни огнови“. Текстот е пишуван во тетратка и не е објавен. Овој негов прв обид за пишување роман добива пофални зборови од наставникот по македонски јазик, што било и потврда дека начинот на пишување ќе го истакнат и во иднина ќе го окарактеризираат неговиот стил на пишување.

Во средно училиште (Центарот за воени школи во Сараево) пишува и поезија во која преовладува љубовта и хумористиката, а во исто време објавува текстови во тогашните неделни весници за млади.

Во 1981 година почнува да пишува повторно роман, кој по својата самокритичност никогаш не го објавува.

Добре Тодоровски ни раскажа: „ Додека бев млад и почетник во пишувањето, голем поттик ми даде писателот Саме Лимани Жерновски, во осумдесеттите години афирмиран поет. Тогаш бев на служба во граничната единица во Дебар и имав можност да се запознам и дружам со писателот Жерновски. Како вработен во Армијата, долги години бев дописник за Армиските весници, а подоцна објавував кратки текстови со хумористична содржина за „Одбрана“ и „Армиски збор“.“

Секогаш е добро кога нечија дарба ќе биде препознаена и поддржана.

Неговиот прв роман „Сивилото на одот“, го пишува повеќе години, а излегува дури 1998 година. Во текот на негово творештво најголем поддржувач, критичар и најискрен пријател во пишаниот збор е писателот Радован П. Цветковски чии зборови секогаш ќе бидат запаметени.

Покрај десетината романи Добре Тодоровски има издадено и книга поезија, збирка кратки раскази (поезија во проза), неколку драми и монодрами. Но, сепак романите се она по што неговото име се памети. Неговите наслови се уникатни и имаат уникатна содржина. Изобилуваат со теми од човековото живеење на овие простори, односно пренесени се тематски содржини кои се примамливи за читање.

Кога го запрашавме за неговите дела, тој имаше приказна за секое од нив. За трагикомедијата во ликот на нашиот човек во драмите и монодрамите. За „Последниот монарх“ и „Трите смртни пресуди на Павел Шатев“ ни посочи дека се дела со кои се чувствува нај исполнет. Романот „Прокоба“ со поинаква, друга димензија, каде преовладува психолошката состојба на ликовите, љубовта и омразата во заплетот на дејствието. Според издавачката куќа „Матица Македонска“ од Скопје, тука е неговата најпродавана и најчитана книга за 2020 и 2021 година, романот „Сестра Касијана“, издадена во четири изданија.

„Додека не почнат да те познаваат по делото, а не по името тогаш си успеал како творец, автор или писател, како сакате.“ – ни вели Добре Тодоровски, напоменувајќи дека со излегувањето на своето дело „Над Тагата“ тој конечно почнува да се чувствува како писател.

Разговаравме и за наградите и признанијата кои ги има добиено. Ни наброја повеќе, но ни посочите дека неговите дела кои се читани и барани се најголемата награда која еден писател може да ја добие.

За говорот кој го користи во своите книги ни истакна: „Целта ми е да сум себе препознатлив, да сум поразличен од другите писатели, како содржински, така и по стилот и по говорот на главните и споредни ликови во романескното дејство. Демирхисарскиот дијалект е еден од најзастапените во моето творештво, она кога се однесува на дијалозите на ликовите. Токму затоа оттаму, од неколку мои книги се црпени и повеќе информации за тритомниот фразеолошки речник на македонскиот јазик.“

Писателот Добре Тодоровски од 2000 г. е член на Друштвото на писатели на Македонија, а од 2001 година е член и на Друштвото за наука и уметност Битола (сега Македонско научно друштво-Битола).

Моментално работи на својот нов роман „Топлица“, (дел од трилогијата со духовна тематика), кој се подготвува за издавање, а се однесува за еден прекрасен манастир, (Св.Никола Арбаношки – Топлички) за кој нашите верни читатели ќе почекаат уште малку за да ги откријат занимливостите во новото дело.

Но, неговите обврски не завршуваат тука, тој веќе седум години го води и Здружението за негување на културното и обичајно наследство „ОБИЧАЈНИ ЗАВЕШТЕНИЈА“. За здружението тој ни кажа дека: „Здружението организира годишна книжевна манифестација во библиотеката „Ал-Би“ во Бабино и во домот на културата Слоештица. Целта е да се поттикнува творештвото и да се зачува и негува обичајното (традицијата) и културно наследство на нашиот народ. Записите од манифестацијата се печатат во списанието „Завештание“, со што се завештува коренитиот збор и творештвото на познати македонски писатели, особено творци кои се родум од овој крај.“

За крај го замоливме писателот да ни испрати порака до вас наши драги читатели:

„ Повеќе да читаат македонски автори, затоа што тоа е еден од начините да се открие македонскиот идентитет, нашиот код и со самото тоа да се негува.

Од друга страна, особено младите читатели, преку читањето имаат можност да го збогатат нивниот фонд на зборови, кој би им користел за цел живот.

Секако дека писателите треба да третираат теми кои моментално, особено на психолошки план кои им се блиски на читателите, но и да им откриваат нов свет. Нашиот народ рекол: „Начитан човек е и умен човек“.

Секоја критика, небитно како е кажана е добре дојдена и мотивирачки делува за писателот. Книгата вреди само ако се чита.“

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook