Во овие летни горештини во прекрасната ладовина покрај оаза од цвеќиња, со нас на кафе беше писателката Сања Мучкајева Видановска.

Прекрасна личност, како жена и писателка, а и како наш соговорник за која слободно можеме да речеме дека е истражувач во пишаниот збор. Сања пишува романи кои во себе носат сплет од времето кое изминало, но и времето кое доаѓа. Сплет од приказни кои ни го задржуваат вниманието до самиот крај и како што вели и самата писателка, во секоја книга внесувам дел од сопствената духовност.

Својот прв роман Грешници го објавува веднаш после дипломирањето, а после тоа следат уште многу нејзини дела, меѓу кои и збирката поезија Поезија за месечината која ја носи наградата „Книжевен светилник“.

Други нејзини дела се романите: Грешници 2- Модерна бајка, Самица, Петтата приказна, Ноемвриски крстосници и И боговите имаат интернет. Романот Ноемвриски крстосници е преведен и издаден во Република Турција. Добитник е и на награда и во Италија, а нејзини раскази и песни се преведени на руски, италијански, босански, грчки и бугарски јазик. Сања Мучкајева Видановска, секоја година учествува и со свои есеји и на Роднокрајните средби кои ги организира нашата библиотека.

Кога ја запрашавме што ни подготвува ново, таа ни откри дека веќе работи и привршува со уште неколку нејзини проекти. Наскоро ја очекуваме нејзината најнова книга, која е психолошки трилер, но и една животна приказна за потеклото на нејзините корени кои ја водат дури во степите во Русија, во Република Калмикија. Исто така еден од нејзините проекти е и подготовка на заедничка книга од шест женски приказни, која ќе биде издадена на англиски и руски јазик.

Нема ништо поубаво кога летните горештини ги поминувате под сенка, дружејќи се со авторите кои од прва рака ви ги раскажуваат приказните, во кои со нетрпение чекате да се нурнете со читање.

За крај, ја замоливме Сања да им порача нешто на нашите верни читатели.

Моето потекло се испреплетени корени. Но, македонското чувство е најдлабокиот корен од кого го црпам сопствениот идентитет. Тоа ме прави целосна и духовно ме надградува, со сите традиции и изворните елементи кои го заокружуваат значењето и целовитоста на еден народ. Јазикот и пишаниот збор се нашето најголемо богатство, кое нѐ прави единствени во ставањето печат над идентитетот, кој се зачувува и негува токму со пишаниот збор на нашиот мајчин јазик. Има уште многу нераскажани и нечуени приказни, кои треба да се стават на хартија. Затоа, идните генерации на млади автори се оние кои го држат печатот за сопствениот идентитет. Книгите напишани на македонски јазик се најскапоцениот шепот, но и гласен повик за минатото, сегашноста и иднината.

А вас, драги наши читатели, Ве поканувам да нѐ посетите и да одберете некоја од книгите од нашата авторка.

Подготвилa м-р Гордана Ѓоргиевска-Неделковски

Facebook link