Во месецот на жената – месец март, НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола на кафе ја покани младата авторка Ивана Хаџиевска. Ивана е историчарка и независен истражувач која својата професија како историчар ја користи за да пишува дела кои се од големо значење за зачувување на една национална историја, а тоа е историјата на жените кои оставиле посебен белег за нашата земја.Ивана својата кариера и истражувачки интерес ги насочува во полињата: социјална историја, историја на жените и политики на сеќавање. Таа се стекнува со научна титула магистер на историски науки на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) на тема: „Човечката состојба на индустриските работници во Вардарска Македонија (1918-1941). Ивана за својот труд ја добива наградата „26 јули“ од Фондацијата Франк Харкорт Манинг од Велика Британија, која се доделува за студент на генерацијата (2018) и го добива Признанието за високи достигнувања во образованието (2019) кое го доделува Ректоратот на УКИМ. Таа е пример за прекрасна личност, како млада особа и жена, која со огромен ентузијазам ни потврди колку може да се постигне ако се сака вистински она што се работи.Кога ја запрашавме зошто ја одбра историја како правец за нејзино образование, а потоа и за нејзина професија, таа ни одговори: „Хуманистичките науки како што е историјата отвораат голем простор за размислување и анализирање на културните и општествените феномени, како и простор за истражување и работа. Домашната историографија се соочува со бројни предизвици, но токму нивното решавање претставува можност за научен напредок и продлабочување на документирањето и академската анализа во различни теми и области. Всушност, Балканот во западниот поглед, често се сметал за „музеј на отворено“, место од каде што само се црпи знаење, а многу малку тоа знаење се документира, теоретизира и зачувува тука. Затоа, сметам дека изучувањето на историските наративи и освестувањето на политиките на сеќавање позитивно влијаат врз развивањето на критичкото мислење, како и стекнување на квалитетно ниво на општа култура. Токму тој аспект на хуманистичките науки треба да се нагласува во ерата на „пост-вистина“ во која живееме. Област во која имам специјализирано е работничката и социјалната историја на Балканот помеѓу двете светски војни. Особен интерес имам и за историјата на жените: најинтересните пронајдоци како истражувач ги имам направено токму во оваа област.Интересот за историјата кај мене започна низ љубовта кон книгите и истражувањето, која ми ја вроди уште од најмала возраст дедо ми Зиса Хаџиевски, кој е еден од децата бегалци од Егејска Македонија. Кога тој ми раскажуваше за историските и случувања кој ги сведочел, мојата љубопитност кон минатото стануваше уште поголема. Тој во наследство ми остави голема домашна библиотека. Тука сакам да споменам една книга, Хомеровата „Одисеја“ (прераскажана од Антон Совре), која во детството ја препрочитував многу пати и секогаш откривав нешто ново.“ Ивана зад себе има напишано неколку дела во кои се јавува како автор и како коавтор, а ние ја замоливме да ни каже нешто за овие дела, кои претставуваат историско богатство, а таа ни одговори: „Двете книги за кои сакам денес да зборувам се работени заедно со моите колешки. Тие се плод на исцрпна истражувачка работа, посета на архиви, селектирање и документирање. Во 2021 година со Јана Коцевска, Ивана Драгшиќ ја објавивме „Нашиот пат: 25 женски приказни од историјата“ (Скопје: Тиииит!Инк. 2021); а со Јана Коцевска бевме ко-уреднички на книгата „Архивите на невидливите: Жените во печатот од Вардарска Македонија помеѓу двете светски војни“ (Скопје: ЦИНИК, 2021). И двете книги документираат биографии на жени кои не се толку познати за јавноста, а нивниот труд вреди да биде запаметен.Истражувањата, положбата на жените, минатото, теми кои не водеа низ воздишки во текот на целиот разговор, теми за минато време кое ни ја крои сегашноста. За крај ја запрашавме на што работи сега, а Ивана низ радост ни кажа дека веќе работи на истражување за женската историја на повоена Македонија во социјалистичкиот период, како и на пишување на научни статии од областа на работничката историја, а ние и посакавме што поскоро да ни дојде во нашата библиотека со своето ново дело.