„Кога луѓето се радосни, секогаш се добри; кога луѓето се добри, не се секогаш радосни.“ извадок од книгата „Сенката на добриот човек“ – кратки поучни приказни од Златко Жоглев.

Уште како студент уживав во неговите предавања, затоа што секој негов збор беше преточен во некоја мисла која те тера да размислуваш се подлабоко и подлабоко. А денес како библиотекар од НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, имав чест на Кафе и книга да бидам со проф. д-р Златко Жоглев кој целиот свој работен век го посветува на студентите и на творештвото.

Разговор го започнавме со многу животни примери, случки и по некоја смешка препознатлива во негов стил. За своите почетоци проф. д-р Златко Жоглев ни кажа дека твори од своите училишни денови иако тоа малкумина го знаат. Низ сеќавање тој ни раскажа дека уште од најмала возраст пишува песни со кои има освојувано награди во детското списание „Наш свет“, а со истите учествувал и на училишните приредби.

За тоа како е да се биде писател и како тој ги доживува своите творби тој ни кажа еден убав пример со што не поттикна на едно ново размислување: „ Има различни видови писатели, оние кои творат и никогаш не ги корегираат своите творби, потоа тука се оние писатели кои секогаш се самокритични и ги корегираат своите творби и на крај се оние писатели кои само ги надополнуваат своите дела“. За себе вели дека сака да ги корегира и дополнува своите дела. Зборуваше и за тоа колку времето на дигитализација им ја олеснува работата на писателите за разлика од времето кога сите творби се пишуваа рачно или на машина за пишување.

Кога го запрашавме каде ја наоѓа мотивацијата за толку широк дијапазон на творештво тој ни одговори:„ Верувале или не некогаш и на сон ми доаѓаат стиховите и морам да станам да ги запишам, и најмалата случка може да ме мотивира, затоа што секој момент е посебен. Додека во последниве години неизмерна мотивација ми дава мојата прво родена внука Дениција, а сега веќе и сите мои внуци, па подготвувам и нови детски книги.“

Од целокупното негово творештво дел од книгите се научни истражувања и стручна литература за потребите како универзитетски професор, но тука се и книгите кои содржат многу мисли и животни приказни кои се читаат во еден здив и се многу поучни, и секако тука е поезија и детската поезија која е наменета за најмала возраст.

Проф. д-р Златко Жоглев е редовен професор на Педагошкиот факултет во Битола, член е на Друштвото на писатели на Македонија, Битолскиот книжевен круг, Македонското научно друштво и во Српската академија за образование каде ја понесува титулата Академик. Добитник е на многу награди, но вели дека неговото творештво е неговата најголемата награда. Неговата мудрост нема граници, а секој негов соговорник после средба со него си оди нахранет со многу нови знаења.

НУУБ „Св.Климент Охридски“ – Битола би Ви ги препорачале сите негови книги да ги прочитате доколку сакате да пронајдете и најмало зрно мудрост во се она што ве опкружува секојдневно.

„Да се познаваат нештата од овој свет – Значи да се биде учен. Да се познаваат другите луѓе – Значи да се биде мудар. Да се познаваш самиот себе – Значи да бидеш просветлен“

За крај го замоливме да ви се обрати вас, драги наши читатели,

Најважно е да се живее животот, но важно е да се живее така да се создаваат спомени. И тоа убави спомени на кои со радост ќе се сеќаваме.

Кога не ќе можеме да го живееме животот со сета полнотија, во сета негова убавина. Луѓето што во младоста не создале убави спомени и во староста немаат на што убаво да се потсетат – залудно го потрошиле својот живот.

Чувајте ги убавите спомени и навраќајте се на нив, Затоа што во нив не само што ќе ги најдете луѓето што ви биле мили, а не се повеќе со вас, туку и ќе се најдете себе си какви што не сте и никогаш нема да бидете (по)веќе. Затоа чувајте ги убавите спомени како нешто драгоцено,

Како топло оганче во зима, на кое ќе можете секогаш да се греете. И не заборавајте да го живеете животот така што да создавате спомени на кои со радост ќе се сеќавате, Не само вие, туку и вашите блиски, оние кои и најчесто учествувале во градењето на вашите спомени и се дел од нив.“

На проф. д-р Златко Жоглев му посакуваме уште многу плодна работа во водите на творештвото, а Вас драги наши читатели ви порачуваме да прочитате некоја од неговите книги.

Координатор на проектот м-р Гордана Ѓоргиевска Неделковски

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook

Објавено од: Слободан Пачовски
1 Jun, 2023