По повод „Неделата на забранети книги“ имавме работилница со учениците од ООУ „Славко Лумбарковски“ од Новаци и со наставниците Васко Гичевски и Гордана Најдовска.

„Без зборовите, без пишување на книги, не постои историја, не постои концептот на човештвото“ се зборови на Херман Хесе, со кои сите ќе се сложат.

Разговаравме за книгата како ниту еден друг производ на човечкиот дух, била уништувана и забранувана, затоа што многу цивилизации се втемелени токму на книгата како производ.

Векови наназад се палеле книги, се уништувале библиотеки, а таа пропаганда продолжува и до ден денес. Од сумерските глинени плочки, египетскиот папирус, преку Гутенберговата печатница, книгата поминала низ долг развоен процес на обликување, употреба, но и уништување и забрани.

Факт е дека книгите ќе постојат сè додека некој ги чита или се додека некој ги пишува. Забранетите книги се оние кои одредена категорија на луѓе ги смета за несоодветни и сакаат истите да се тргнат од полиците на библиотеките, книжарите и училиштата или да се уништат.

Цензурата на одредени книги може да биде политички, религиозно или етички обоена, а со самата забрана се излегува од рамката на спонтан развој на мислата на едно општество. Според тоа, основната цел на оваа акција е ширење на свеста за слободата на читање и слободниот пристап до информациите.

Покрај забраната на книги заради религиозни причини или морални ставови често се објавувала и цензура под идеолошки притисок, кој најчесто го спроведувала државата.

Во некои земји, властите дури и во денешно време наметнуваат што е морално да се чита врз основа на лични убедувања на поединци – на пр. во Иран (јануари, 2011) забранети се книгите на Паоло Коелјо, а во Русија имаше неуспешна иницијатива да се забранат Набоков и Маркез односно нивните дела: „Лолита“ и „Сто години самотија“, кои се наведуваат како дела што поттикнуваат „перверзни страсти и ги прават поединците несреќни“.

Сепак, да им се овозможи на луѓето да читаат што сакаат и да им се даде слобода сами да доаѓаат до заклучоци и да развијат сопствени ставови и критичко мислење за нештата е еден од предусловите на секое одговорно општество.

Неделата на забранети книги се одбележува ширум светот, уште од 1982 година под мотото „Learn, not burn!“ во САД.

Во холот на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола е поставена изложба на книги кои низ текот на годините биле забранети во различни земји во различен временски период.

Facebook link