„Имприматур“ - Моналди и Сорти

Печати

( 0 Гласа )

Кога била првпат објавена во Италија во 2002 година, книгата предизвикала огромен број контроверзии, била бојкотирана од италијанските медиуми и од сите издавачки куќи. Сепак, романот станал европски бестселер.
Ексклузивна можност одблиску да ги запознаете Рита Моналди и Франческо Сорти, брачната двојка чија трилогија составена од „Имприматур“, „Секретум“ и „Веритас“ даде нова слика за италијанската и пошироко – за европската историја.Иако приказната е фиктивна, многу од ликовите и настаните се вистинити.

Книгата се основа на истражувањата што ги спровеле Моналди и Сорти врз голем број ракописи и дела за опсадата на Виена и за Ато Мелани, познатиот италијански оперски пејач, кој бил и дипломат и шпион.
Дејството започнува на 11 септември 1683 година. Градот Рим е во неизвесност. Граѓаните чекаат информации за исходот од битката кај Виена, во која Отоманската Империја е пред портите на католичка Европа.
Во меѓувреме, една римска гостилница е ставена под карантин поради сомнежи од ширење на чума. Меѓу затворените е и мистериозниот Ато Мелани, шпион што му служи на францускиот крал. Со помош на едно момче, тој открива скришен премин што води до мрежа тунели под градот. Секоја вечер тргнуваат на следно талкање во римското подземје, кое ќе ги одведе до изненадувачки откритија во однос на другите гости на гостилницата, но и во однос на битката меѓу исламот и Западот.
На крајот од книгата се наведени сите историски документи што авторите ги откриле во архивите, а кои претходно не им биле познати на модерните историчари, со кои ги потврдиле теориите за таен договор помеѓу Вилијам III и Инокентиј XI. „Имприматур“ предизвикала многу научници и професионални историчари да спроведат натамошни истражувања на темата.